„Зборува Скопје“ – изложби, перформанси, музика и активизам за 55-годишнината од земјотресот

Со дваесетина културни настани на неколку локации, Град Скопје неделава ќе ја одбележи 55-годишнината од катастрофалниот земјотрес во 1963 година.

Почетокот на манифестацијата денеска ќе биде одбележан со враќањето на буквите од пораката на Јосип Броз Тито на источната страна на Музејот на град Скопје.

Пораката која долго беше сведок на историската солидарност што Скопје ја доби од светот по разорниот земјотрес и беше препознатлив нераскинлив дел од Музејот и градското јадро, повторно ќе се врати на своето место. Овој настан симболично наречен „Солидарноста се враќа дома“ ќе биде проследен со активности во Музејот на град Скопје.

„Зборува Скопје“ во четири дена ќе ја обедини ликовна, театарска, филмската и мултимедијална уметност и граѓански активизам концептуално поврзан со земјотресот, но и со културната историја на метрополата.

Музејот на град Скопје, Графити галеријата во ГТЦ, КИЦ, Музејот на современата уметност, платото пред МКЦ ќе бидат местата кои во овие четири дена за скопјани ќе понудат интересни настани кои ќе можат да се погледнат само во рамките на оваа манифестација.

„Тивка реконструкција на земјотресот“, перформанс на Билјана Радиноска и „Сонува Скопје“, краткометражен филмски колаж на Дина Дума, се дела на нашите млади уметници што ќе бидат дел од централниот настан на 25 јули што ќе се одржи во Графити галеријата на ГТЦ.

Потоа ќе следува концертот „Разговор со смисла“ на Mammoth & Yashem, настап во живо на Тодор Караколев и затворен џем сешн со музичари од новата скопска сцена.

Организацијата на жените на град Скопје 55-годишнината ќе ja одбележи со поетско читање, а на 26 јули со почеток во 5:17 минути, времето кога се случил земјотресот со аудиоакција на пет различни локации низ градот, во организација на Група урбани уметнички акции и Центар за современи уметности граѓаните ќе бидат потсетени на трагичниот настан.

Традиционално ќе се одржи и крводарителската акција, а организационен одбор ќе положи цвеќе пред споменикот на загинатите во земјотресот на градските гробишта во Бутел.

Здружението за волонтерско работно и едукативно ангажирање акцијаши на територијата на општина Гази Баба ќе организираат работни акции во периодот од 23-28, како и богата едукативна културна програма во акцијашкиот камп во студентскиот дом „Стив Наумов“.