Собраниската Комисија за европски прашања денеска во 11 часот треба да ја продолжи седницата на која единствена точка на дневен ред се предлог измените на Изборниот законик, кои се носат по скратена постапка. На седницата треба да бидат разгледани 401 амандман поднесени од пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Седницата, започна вчера, во тензична атмосфера. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ побараа таа да се одложи од деловнички причини бидејќи не биле архивирани ниту преведени поднесените амандмани. Претседателот на комисијата Артан Груби, сепак, ја отвори седницата и најави дека ќе закаже продолжение штом бидат преведени амандманите.
Комисиската расправа треба да заврши денеска, бидејќи според Деловникот, за закони кои се донесуваат по скратена постапка и со европско знаменце треба да трае два дена.
Со измените се предвидува избор на членови на ДИК да се изврши со 61 пратеник, наместо со двотеринско мнозинство. ДИК треба да го организира спроведувањето на референдумот кој е обврска од Договорот од Преспа.
Седницата на Комисијата за европски прашања беше закажана по двете лидерски средби, во проширен и во скратен состав, на кои не беше постигнат договор за изборот на ДИК, за референдумот и за рефрендумското прашање.
Лидерската средба во скратен формат, на претседателите на СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и едно од крилата на Беса, Зоран Заев, Али Ахмети, Христијан Мицкоски и Билал Касами, треба да продолжи в недела навечер или понеделник наутро во обид да ги испеглаат разликите и да постигнат договор за формирање на ДИК и прашањата поврзани со престојниот референдум, кој треба да се одржи наесен, а чија евентуална можна формулација ја соопшти завчера Заев – Дали сте за ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција.