Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја напушти лидерската средба еден час по почетокот.
Во изјавата за медиумите рече дека за нив не бил јасен концептот зошто сите претставници на сите парламетнарни партии не се присутни и, како што кажа, изразил сериозен револт поради тоа.
Мицкоски исто така рече дека го повикал премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев во најскоро време, а најдоцна до понеделник, да организира лидерска средба во форма како што претходно се одржувала, со присуство на лидерите на четирите најголеми партии на СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и најголемата опозициска партија на Албанците.
ВМРО-ДПМНЕ, рече тој, останува на истите ставови како и досега.
– Исто така како ВМРО-ДПМНЕ изразивме сериозен револт и несогласување и негодување на девијантното однесување од страна на владините претставници и владејачкото мнозинство во текот на вечрашниот ден кога на еден начин неделовнички којшто досега не беше пракса во политичкиот живот во Република Македонија се утврди потребата од промена на Изборниот законик без поддршка на најголемата опозициска партија, а се со цел да се намали потребниот број пратеници кога се усвојува составот на ДИК од 80 на 61, рече Мицкоски, додавајќи дека тие како ВМРО-ДПМНЕ изразиле револт и ги кажале причините поради кои го напуштаат овој состанок на парламентарните политички партии.
Средбата на лидерите на парламентарните партии кои имаат повеќе од еден пратеник и по напуштањето од страна на Мицкоски продолжува во Клубот на пратениците.