Сметам дека сите политички сили треба да изнајдат енергија за да ги доближиме ставовите и да имаме успех во реализаиција на целите кои се јавно познати, а тоа е реализација на договорот со Грција за да го отвориме патот кон исполнување на стандардите и приемот на Македонија во НАТО, како и отпочнување на преговори за членство во ЕУ, изјави денеска лидерот на ДУИ Али Ахмети по прославата што ја организираше за добиената покана за членство во НАТО.
Ахмети ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање што очекува од вечерашната лидерска средба што ја закажа премиерот Зоран Заев по блокадата за изборот на состав на Државната изборна комисија која треба да го организира есенскиот референдум за прашањето за името.
Лидерот на ДУИ додаде дека Македонија нема друга алтернатива освен членството во НАТО и почнувањето на преговорите со ЕУ и дека тоа ќе ни обезбеди мир, стабилност и економски развој и иднина. Ако некој има друга алтернатива, вели тој, нека ја претстави.
– Пред ова не треба да поставуваме цели од политика или од парцијални партиски политики, рече Ахмети.
Според лидерот на ДУИ, разликите меѓу владејачките партии и опозицијата се околу постигнатиот договор за името.
– Тоа е демократско право, некој да не се согласува со договорот. Се додека е најавен референдум секоја од страните може да ја искаже својата волја. И гласот против е демократски глас, вели Ахмети.
Според него, во моментов меѓу партиите во Македонија се води дијалог и има многу средби меѓу сите политички партии и разговорите, како што рече, сега засега се одвиваат во добар правец.
– Ќе видиме вечерва која е подготвеноста, но и ставовите на опозцијата. Сигурно дека опозицијата мора да биде дел од решението, рече Ахмети.
Ахмети не мисли дека предвремени парламентарни избори би било решение за оваа состојба.
На прославата што ја организираше Ахмети во чест на НАТО пред присутните беше прикажано осумминутно видео во кое лидерот на ДУИ ја објаснува својата посветеност за членството на Македонија во Алијансата во изминатите 17 години.
– НАТО беше и ќе остане еден од најважните столбови како гаранција за имплементација на Рамковниот договор, рече, меѓу другото, Ахмети, посочувајќи дека членството на Македонија во Алијансата ќе и обезбеди поголема безбедност, стабилност и просперитет на земјата.
На свеченоста, што се организираше во ресторан во центарот на Скопје, присуствуваа претседателот на Собранието Талат Џафери, пратениците од ДУИ и високи функционери од оваа партија, претставниците на НАТО во Македонија, американскиот амбасадор Џес Бејли и други претставници на дипломатски мисии во Скопје, поглаварот на Исламската верска заедница Рејс Улема Сулејман Реџепи и други