ОДБЕЛЕЖАН ГОЛЕМИОТ ЈУБИЛЕЈ НА ПОВАРДАРСКАТА ЕПАРХИЈА

Повардарската епархија, викендов прослави 40 години од нејзиното формирање во рамките на возобновената Охридска Архиепископија во лицето на Македонската православна црква. Одбележувањето на јубилејот започна на 19 мај во црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Гевгелија, со свечена Вечерна Богослужба, на која присуствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел, а сослужуваа повеќе свештенослужители од гевгелиското епархиско намесништво. На прославата присуствуваше директорот на Комисијата за верски односи, г-дин Даријан Сотировски. По завршувањето на богослужбата, следуваше Духовна академија, на којашто Митрополитот Агатангел се обрати пред присутните со осврт на историјата на Повардарската дијацеза, спомнувајќи го притоа и целиот историски континуитет на епархијата, и пред овој 40-годишен период. Во оваа прилика, свештенството од гевгелиското епархиско намесништво, на Митрополитот Агатангел, честитајќи му го овој јубилеј, како и неговиот 20-годишен јубилеј од хиротонија му подари Панагија и жезол. Следуваше Концерт на двата велешки црковни хора на епархијата, „Св. вмч. Пантелејмон“ и младинскиот хор „Св. Кирил и Методиј“, коишто со своите велелепни изведби на духовни композиции, ја направија оваа прослава навистина прекрасна. По завршувањето на концертот беше организиран коктел за сите присутни во дворот на црквата.

Централниот настан на одбележувањето на овој значаен јубилеј за животот на светата Македонска црква, како и за сите нејзини членови, сведочејќи го живото битисување на Мајката црква на овие простори, беше Божествената Литургија во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велес, кадешто Архипастирот на нашата света Црква, Неговото Блаженство г.г. Стефан, заедно со своите браќа архиереи, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, Митрополитот Европски г. Пимен, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Митрополитот Кумановско-осоговски г. Јосиф, епископот Хераклејски г. Климент, архимандритот Григориј, како и бројно свештенство и монаштво од сите епархии на Македонската православна црква го просеа Божјиот благослов за нашиот македонски народ и сите заедно, уште еднаш сведочеа за нашиот силен христијански дух и единство во Христа. Покрај многубројните верници од градот Велес, на светата Божествена Литургија присуствувше мноштво народ и од други градови.

На Литургијата со слово кон многубројниот присутен народ се обрати Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

Митрополитот Агатангел, во оваа прилика, во рамките на чествувањето на јубилејот 40 години Повардарска епархија, додели шест највисоки одличја на Повардарската епархија – Орден за црковни заслуги, и тоа на: протоереј-ставрофор Славе Јованов, Ѓорѓи Ристов-Џо, Ристо Давчевски, Благој Чонтев, Славица Ставрева и Веселинка Маџарова-Андова, сите од Велес.

По завршувањето на Литургијата, се изврши чин на осветување на новата административна зграда при црквата „Успение на Пресвета Богородица“ кој го изврши Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение на Митрополитот Повардарски г. Агатангел и Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј.

 

izvor:http://www.povardarska-eparhija.org.mk/pe//index.php?option=com_content&task=view&id=2221&Itemid=32