Шекеринска со 18 колеги од НАТО потпиша Меморандум за разбирање

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска во седиштето на НАТО во Брисел,  го потпиша Меморандумот за разбирање со кој Македонија се приклучува кон „Смарт Дифенс“ иницијативата за муниција за копнено војување.

Како што соопшти Министерството за одбрана, Меморандумот за разбирање министерката Шекеринска го потпиша заедно со 17 министри за одбрана од земји-членки на НАТО, и со својот колега од Финска, партнер на НАТО.

Покрај Белгија, како водечка во оваа иницијатива, меѓу потписниците на Меморандумот се Германија, Франција, Данска, Шпанија, Норвешка, Австрија, а од регионот – Словенија и Црна Гора.

Меморандумот за разбирање воспоставува рамка која обезбедува групирање на националните краткорочни и долгорочни планови за набавки на муниција за копнено војување. Тоа значи дека работејќи заедно, земјите-членки на оваа иницијатива ќе добијат муниција по пониски цени, ќе ги хармонизираат залихите и ќе имплементираат заеднички решенија за складирање на долг рок.

Иницијативата за муниција за копнено војување обезбедува подобра интероперабилност на декларираните единици на Армијата на Република Македонија, особено лесната пешадиска баталјонска група. Воедно, се овозможува заштеда на финансиски средства при набавката на муниција, додека самото членство во оваа иницијатива нема финансиски побарувања, стои во соопштението.