Шекеринска: Историски ден за Македонија

Македонија денеска го поправа тоа што го пропушти пред десет години, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска пред стартот на Самитот на НАТО во Брисел.

– Денеска е ден во кој можеме да го поправиме она што го испуштивме во 2008 година. Мислам дека дури и на денешните дискусии на министерско ниво за надворешни работи и одбрана и на премиерско ниво, стана јасно дека една од недвосмислено најпозитивните одлуки на овој самит ќе биде поканата што ќе ја добие Македонија, рече Шекеринска пред новинарите во Брисел.

Како што јави дописничката на МИА, Шекеринска посочи дека ова е историски ден за Македонија, но важен е и за НАТО.

– Денеска сите ја искористија можноста да и честитаат на Македонија за огромниот пробив и целиот аудиториум не награди со аплауз зашто се свесни дека ова е историски ден за Македонија, но важен е и за НАТО, рече министерката Шекеринска.

Таа е уверена и дека референдумот во Македонија ќе биде успешен.