Санирани оштетувањата на покривот на пештерската црква „Св.Богородица” на островот Мал Град

Санирани се оштетувањата на покривот на пештерската црква „Света Богородица“ на островот Мал Град кај Пустец, Мала Преспа.

Според Регионалната дирекција за национална култура од Корча, оштетувањата на дел од покривот се причинети од одрон на карпа, поради што можни биле и дополнителни оштетувања на целиот покрив, но и на фреските на ѕидовите од црквата. Оттаму посочија дека и покрај тешкиот терен за работа, зафатот бил успешно реализиран.

– Веднаш по нашата дојава, експресно реагираа од Регионалната дирекција за национална култура во Корча. Од таму беа испратени работници и потребниот материјал и ја заштитивме црквата која е еден од најубавите божји храмови во нашто подрачје, изјави отец Алексо Темелко.

Островот Мал Град се наоѓа на околу три километри североисточно од Пустец, во јужноисточниот брег на Преспанското Езеро.

– На овој остров се наоѓа пештерската црква „Св. Богородица“, која со својот фрескоживопис отскокнува од другите пештерски цркви расфрлани по бреговите на Преспанското и Охридското Езеро. Оваа црква низ времето претрпела измени. Тоа го знаеме од трите сочувани натписи кои се наоѓаат на неа, вели Васил Стерјовски, советник во општина Пустец.

Според него, во првиот натпис пишува дека основач на црквата е Бојко со жена му Евдокија во 1345 година. Во вториот натпис, пишува дека црквата е возобновена во 1369 година од Кесар Новак, неговата сопруга Кали, син Амирал и ќерката Марија. Третиот натпис датира во 1607 година, кога е насликана надворешната западна фасада.

Внатрешноста на црквата, додаде Стерјовски, е целосно живописна и е многу позната по ѕидните фрески од Византискиот палеолошки стил.