Наградата – европска личност на годината ја посветувам на лидерите од регионот и граѓаните кои заедно покажаа лидерство за добра сегашност и добра иднина, порача попладнево премиерот Зоран Заев од Сараево каде му беше врачена Златна плакета од европска личност на годината од Европското здружение на менаџери.
Како што соопштија од владината прес-служба, Заев ја посветил годинашната плакета за европска личност на годината на премиерите од Босна и Хецеговина, Црна Гора, Албанија, Србија, Косово, на премиерите од Бугарија и од Грција, како и на граѓаните на сите овие држави.
Причина за тоа, како што посочил премиерот Заев, е тоа што тие заедно покажале лидерство за добра сегашност и добра иднина, а само преку тоа заедништво и соработка, станува возможно да се постават мостовите во регионот и мостовите со Европа.
– Воспоставивме интензивна, искрена и пријателска регионална соработка и испративме порака дека решение за секој билатерален спор има, ако има политичка волја, нагласил Заев.