Владимир Глигоров во интервју за МИА: Договорот е добар и за Македонија и за Грција

Договорот за решавање на спорот со името е добар како за Македонија така и за Грција. Грција симна една опсесија која за неа е целосно непотребна, од друга страна за Македонија е важно дека не се менува идентитетот на државата, изјави во интервју за МИА Владимир Глигоров, економист во Виенскиот економски институт.

– За Македонија е важно не толку да се каже дека сегашната македонска држава не е држава на цела територија на Македонија, ниту може да има претензии, туку дека тоа никогаш не било претензија на оваа македонска држава. Од друга страна тоа е македонска држава и по јазик и по народ, значи не се менува идентитетот на државата, се специфицира територијалната екстензија на државата што е една отстапка, едно разбирање дека тоа го иритира соседството, пред се, Грција или Бугарија, се кажува ние сме државата на таа територија. Македонија од античко е територија колкава толкава, ние сме тука со јазик со историја со култура и со право на држава, ние сме Македонци, тоа е максимум што може да се бара во меѓународните односи. Друго е ако си сам некаде на некоја планета па можеш сам да одредуваш и да не водиш сметка за никој друг околу себе, тоа е друго, но ако другите се нервозни не е непристојно да се направи таа отстапка, вели тој.

Коментирајќи ги опозициските настроени сили за договорот и во Грција и во Македонија, тој вели дека во соседната земјата конзервативните струи во еден подолг временски период направиле големи отстапки на националистите.

– Во Грција се појави проблем поради тоа што таму конзервативците кои дојдоа по Папандреу и Симитис направија големи отстапки за националистите, за да можат тие да владејат. Со тоа се направи една перцепција, очекувања дека и македонскиот идентитет на народот во Македонија ќе се менува и оти јазикот нема да се признае и сега тие очекувања не се исполнети, рече Глигоров

Смета дека на голем број Грци тоа не им е важно, но од политичка гледна точка тоа е проблем за конзервативната партија и од гледна точка на многу делови на јавноста кои имаат вложено во тие очекувања е проблем.

– Политички тоа може да биде причина или начин да се урне оваа влада на Ципрас, која и така не е популарна заради сите тие економски мерки и работи што ги стори по кризата. Мислам дека за Грција тоа би било големо олеснување, политичко, но прашање е дали ќе нема политички интерес и во друга насока, рече тој.

Според него, и во Македонија има песимизам, но како што кажа „ние сме мали и мора да трпиме, Македонецот е трпелив“.

Во поглед на некои квалификации на договорот како капитулација, Глигоров вели дека станува збор за договор со соседите за тоа како да се живее на мирен начин, а да не се даде ништо од сопствениот идентитет.

– Називот на државата не е дел од идентитетот. Беше да кажеме СРМ, сега е Северна Македонија, тоа беше уставна одредница, ова е географска, ќе има потреба дипломатски да се инстистира сите да разберат дека ова е географија. Македонија е политика и култура, јас мислам дека ЕУ ќе помогне во тоа да ги информира сите оти не постојат северни Македонци, туку само Македонци, бидејќи нема други Македонци и нема друга македонска држава, тоа е македонска држава, нагласи Глигоров.

Смета дека дека референдумското изјаснување на граѓаните ќе биде позитивно.