Почитувани,
Македонскиот народ денес повторно беше сведок на срамен и немакедонски чин на пратениците на владејачкото мнозинство. Наместо да ја слушаат сопствената совест повторно одлучија да станат соучесници во велепредавството на Татковината, режирано од Заев, Димитров и Шекеринска. Чест на исклучоците како пратеникот Ферид Мухиќ кој барем покажа личен интегритет и чувство за одбрана на Уставното име и Македонскиот национален идентитет, гласајќи воздржано за повторената ратификација.
Македонската Алијанса го охрабрува Претседателот Ѓорѓе Иванов да опстои на јавно дадениот збор дека по ниту една цена нема да ја потпише ратификацијата на кукавичкиот Договор Заев – Ципрас! Нам ни е јасно дека за Заев, Димитров, Шекеринска и Џафери, не постојат ниту Устав, ниту Закон. Кога нивните пратеници по втор пат се решија да ја продадат Татковината и Македонскиот народ, очекувано е дека и Директорот на Службен весник ќе го прекрши Законот. Сепак, што и да прават, Договорот Заев – Ципрас нема никаква правна важност, освен да биде доказ за кривичната одговорност за главните протагонисти и чинители на велепредавството. Нека бидат сигурни дека многу брзо со нив ќе се занимава Специјално Обвинителство.
Колку е кукавички и предавнички Договорот Заев – Ципрас ни покажа Грчкото МНР кое со соопштение ги потсети Заев и Шекеринска дека нема веќе Македонска армија, туку само Армија на Северна Македонија. Ниту на свеченост за нови професионални војници, во сопствената Држава не смееме да си ја нарекуваме сопствената армија Македонска! Срамно и понижувачки!
САМО ОСТАВКА НА НЕМАКЕДОНСКАТА ВЛАДА Е СПАС ЗА ТАТКОВИНАТА!
Бадијала СДСМ и ВМРО ДПМНЕ си го трошат времето за дефинирање на правилата за референдум. Нема потреба од трик – референдум со кој некој ќе се обиде да ја фалсификува вољата на Македонскиот народ. Сега е време за предвремени парламентарни избори на кои Македонскиот народ ќе се ослободи и политички ќе ги казни предавниците. Условите за фер и демократски избори се една изборна единица со отворени листи, техничка Влада за спроведување на изборите која ќе ја води искрен патриот и Македонец од Дијаспората кој никогаш не бил дел од срамните политички пазари на штета на Татковината, па Заев, Димитров и Шекеринска ќе видат што мисли Македонскиот народ за нивното велепредавство!
Ѓорѓија Џорџ Атанасоски
Претседател,
МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА