Бертолини: Конкурентноста е резултат на здрави бизниси, а не на субвенции

Треба да бидеме реални. Она што државата го правеше последните десет години не беше добро. Никогаш нема да има конкурентност со субвенции. Субвенциите ја влечат економијата надолу. Конкурентноста почнува да се развива кога бизнисот лежи на здрави основи, порача денеска Никола Бертолини од Делегацијата на ЕУ во Скопје на завршниот настан за проектот Ревизија на индустриската политика.

Бертолини укажа дека еден од поголемите проблеми со кои се соочува македонската економија е недостигот на соодветно едуциран, млад кадар.

Во врска со т.н. Индустриска стратегија што произлезе од проектот, Бертолини напомена дека претставува само појдовна основа – алатка, а не резултат.

– Лесно е да се донесе стратегија и да се стави на полица. Се надевам дека овојпат нема да биде така, бидејќи нема време за губење. Треба да се преземат конкретни активности. Ние сме тука да ви помогнеме, не имате како поддршка, истакна Бертолини.

Министерот за економија Крешник Бектеши во обраќањето потенцира дека Македонија, како кандидат за членка во ЕУ и НАТО, мора да ги насочи политиките кон создавање конкурентна економија.

– Преработувачката индустрија е од огромно значење. Учествува со 12,2 отсто во БДП и со 10 проценти во бројот активни компании, додека најголем дел од извозот, 87 отсто, го креираат токму бизнисите од индустријата, посочи Бектеши.

И Софче Јовановска, советник во Кабинетот на вицепремиерот Кочо Анѓушев, подвлече дека ако македонските компании сакаат да обезбедат раст, мора да извезуват.

Проектот „Ревизија на индустриската политика“ се спроведуваше ена година со поддршка на ЕУ.