Во Ресен промовиран проект за заштита на природата според европското законодавство

Општина Ресен со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање, и тим експерти од Финска почна со реализација на проектот „Јакнење на капацитетите за ефективно спроведување на европското законодавство во заштитата на природата“.

Од општина Ресен информираат дека станува збор за проектна активност со која се овозможува промоција на тоа подрачје како дел од мрежата „Натура 2000“.

– Преспанското езеро како споменик на природата има големо национално и меѓународно значење. Ова подрачје како дел од мрежата „Натура 2000“ час поскоро треба да ги имплементира сите проектни компоненти и да се стават во функција. За нас како општина важна е и вклученоста на делегацијата експерти од Финска од тамошната Агенција за природа, посочи градоначалникот на општина Ресен Живко Гошаревски на промотивниот настан во локалната самоуправа.

Според овој твининг-проект, освен за природните вредности на Преспанското езеро, соодветни активности согласно европското законодавство ќе бидат преземани и за паркот на природата, ПП „Езерани“-Ресен.