Со договорот за името е исполнета вековната аспирација на нашите предци да имаме своја земја. Конечно сме држава признаена од целиот свет. Признат ни е македонскиот јазик и идентитет и нема повеќе дилеми, порача премиерот Зоран Заев од собраниската седница.
– Досега бевме ФИРОМ, Поранешна Југословенска Република. Газени, понижени секаде каде што ќе излезевме. Подпрашање во државата беше внатрешната дебата дали ќе ни опстои Македонија. Денес нема дилеми – вековната аспирација да имаме своја земја е исполнета. Името е допрецизирано со Северна заради тоа што е факт и е заокружен во границите на оваа територија којашто ние си ја сакаме, истакна Заев, одговарајќи на прашање од пратеникот Крсто Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ.
Нагласи дека се признава македонскиот идентитет и македонскиот јазик и оти ова е конечно решено прашање во Македонија, но оти конечната одлука ќе ја донесат граѓаните.
– Македонија после 27 години ќе има јасна шанса да одлучи за каква иднина се залага и каква иднина посакува за своите деца. Македонија ќе ја има, нема да ја снема секако ако граѓаните застанат и го поддржат реферндумското прашање. Конечно сме држава признаена од целиот свет. Конечно ни е признат македонскиот јазик и идентитет и повеќе дилеми нема, потенцира Заев, оценувајќи дека опозицијата шири антагонизам и праша зошто 11 години не успеале да ја внесат Македонија во НАТО и ЕУ.
Определете се, рече Заев, за каде сте и тогаш ќе им помогнете на граѓаните. Јас сум за ЕУ и НАТО и застанав чесно со цела политичка одговорност за договорот со Грција.
Говорите предизвикаа реплики од координаторите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ. Според координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев, првпат премиерот се послужил со навреди кон пратеници од опозицијата, додека координаторот на СДСМ Томислав Тунтев оценувајќи дека во говорот на пратеникот имало говор на омраза и ширење нетолеранција најави покренување постапка во врска со Етичкиот кодекс на Собранието.
Седницата за пратенички прашања продолжува по редовната едночасовна пауза.