Османи: Законот за јазиците ќе биде донесен до крајот на годината

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи смета дека законот за употреба на јазиците ќе биде донесен до крајот на годината.

– Меѓуетничките односи се столб на безбедноста на државата и нивното унапредување е основното прашање во Рамковниот договор, тој пак е важно прашање во делот на интеграциите. Отсекогаш се вели дека патот на Македонија до ЕУ поминува преку Охрид, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, во врска со забелешката на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, дека законот за употребата на јазиците не е еден од приоритетите на ЕУ.

Нагласи дека апсолутно секоја мерка, која произлегува од Рамковниот е важен предуслов за европската интеграција, поради што и на овој закон било ставено европско знаменце.

– Изјавата на Хан се однесуваше на тоа доколу евентуалната дебата за кој било закон интерферира со донесувањето на законите од приоритетните сфери, тој закон да се тргне од агендата, бидејќи извештајот на ЕК почнува да се пишува во јануари, рече Османи.

Тој додаде дека заеднички е констатирано дека расправата за Законот за јазици нема да го спречи донесувањето на приоритетните закони.

– Законот ќе се донесе, тоа е волја на граѓаните, Владата го усвои пред локалните избори, а граѓаните масовно ја поддржаа оваа Влада, со што ги поддржаа и нејзините мерки, донесени пред изборите, додаде Османи.