Седници на пет собраниски комисии

Во Собранието на Република Македонија денеска седници ќе одржат комисиите за економски прашања, за политички сиситем и односи меѓу заедниците, за образование, наука и спорт, за труд и социјална политика и Законодавно-правната комисија.

На дневниот ред на Комисијата за економски прашања се предлог законите за изменување и дополнување на Законот за градежните производи, за изменување на Законот за трговија, и за изменување на Законот за државен пазарен инспекторат, трите во второ читање и поднесени од пратеници од владеачкото мнозинство.

Единствена точка на дневниот ред на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците е Предлог законот за изменување на Законот за инспекциски надзор, во второ читање, поднесен од пратеници од мнозинството.

Комисијата за образование, наука и спорт ќе расправа за предлог законите за изменување на Законот за обука и испит за директор на основно училиште, средно училиште, ученички дом и отворен граѓански универзитет за доживотно учење и на Законот за основање на Технолошко – технички факултет, Ветеринарен факултет и Правен факултет во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, двата во прво читање, како и за Предлог-законот за поддршка на млади при купување на музички инструменти, во второ читање.

На седницата на Комисијата за труд и социјална политика ќе биде разгледан Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, во второ читање, додека Законодавно-правната комисија ќе одржи три последователни седници на кои ќе рзгледа повеќе законски решенија.