Очекуваме добри вести идната недела, Македонија да ги почне преговорите со ЕУ. Ќе помогнеме колку што можеме зашто земјата треба да стане полноправен член што поскоро, а договорот со Грција е само дополнителен, силен поттик во оваа насока, рекоа денеска амбасадорите на Унгарија и на Словачка, Ласло Дукс и Хенрик Маркуш, на прес-конференцијата по повод примопредавањето на претседателството со Вишеградската група.
И Дукс и Маркуш напоменаа дека Вишеградската четворка е силен поддржувач на проширувањето на ЕУ. За членството на Македонија, времето е повеќе од вистинско, а изборот е јасен.
– Отворањето на преговорите треба да почне во секој случај иако Договорот со Грција дава дополнителен, огромен придонес во оваа насока. Жалиме што процесот на преговори не почна уште пред многу години, истакна амбасадорот Маркуш, одговорајќи на новинарско прашање.
Според Дукс, договорот меѓу Македонија и Грција е многу чувствително прашање и генерално треба да се задржи меѓу двете страни.
Освен проширувањето на ЕУ, безбедноста, долгорочното решавање на проблемот со мигрантите, промоцијата на единството и почитувањето на разликите, ќе бидат само дел од приоритетите на словачкото претседателство со Вишеградската група во наредните 12 месеци. Во фокусот ќе бидат и енергетиката, храната, климатските промени, како и паметните дигитални решенија и иновациите.
Унгарското претседателство официјално завршува на 30 јуни по што го презема Словачка на 1 јули.