Заев-Фаремо: Да го искористиме позитивниот моментум за проекти за подобар живот на граѓаните

Премиерот Зоран Заев денеска прими делегација на Канцеларијата за услуги на проекти на Обединетите нации (УНОПС) предводена од заменичката на генералниот секретар на ОН и извршна директорка на УНОПС, Грете Фаремо.

На средбата, како што соопшти владината прес-служба, обете страни изразиле задоволство од потпишувањето на договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство, оценувајќи го како корисен не само за двете земји, туку и за регионот.

Директорката на УНОПС истакнувајќи оти е горда што има средба со македонскиот премиер во историски денови, ја пренесе силната поддршка од Организацијата на Обединетите Нации (ООН) и Канцеларијата за Проектни Услуги на Обединетите Нации (УНОПС) на патот на Македонија за евроатлантските аспирации.

Фаремо нагласила дека особено е задоволна што со Министерството за надворешни работи на Република Македонија, размениле писма за отворање на проектна Канцеларија на УНОПС во Скопје, што ќе значи зголемување на соработката во обезбедувањето услуги во одржливата инфраструктура, одржливите набавки и одржливото управување со проекти, кои опфаќаат изградба на училишта, патишта, мостови и болници, како и набавка на стоки и услуги и обука на локален персонал.

На средбата, премиерот Заев ја истакнал улогата на УНОПС како важен партнер за развојот на Македонија, кој во остварувањето на својата мисија поддржува проекти во инфраструктурата, набавките, финансискиот менаџмент и човечките ресурси.

Тој ја посочил исклучителната важност на УНОПС во размената на најдобрите практики за реформите кои Македонија веќе ги презеде за обезбедување на почеток на преговорите со Европската унија.

Премиерот Заев и претставничката на УНОПС се согласиле дека од исклучителна важност е реализацијата на владиниот проект на воведување на Гаранција за млади, како мерка за зголемување на вработеноста на младите луѓе, посебно во руралните средини, каде веќе се остваруваат инфраструктурни проекти кои ќе го подобрат стандардот на младите, но и ќе ги направат конкурентни на пазарот на трудот.