За постигнатиот договор со Македонија, утре наутро во 10 часот по локално време, грчкиот премиер Алексис Ципрас ќе го извести грчкиот парламент на седница закажана по негово барање.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, Ципрас достави барање до претседателот на парламентот, Никос Вуцис, да го активира конкретниот член (142А) од деловникот за работа на парламентот што се однесува на „навремено и одговорно известување и информирање на парламентот од владата преку парламентот“.
Останува отворено прашањето дали ќе се остварат предвидувањата во медиумите и ќе се потврдат информациите во новинарските кругови, дека опозициската Нова демократија ќе достави предлог за гласање недоверба на владата.
Во Грција во игра се две сценарија, едното, предлогот да биде доставен денеска, веднаш по завршувањето на расправата и гласањето на новиот нацрт закон што се однесува на среднорочната рамка за финансиската стратегија за периодот 2019-2022 или во петок кога можеби ќе се одржи расправа за договорот.
Според другото, лидерот на опозициската Нова демократија, Кирајакос Мицотакис, тоа би го сторил утре за време на расправата за договорот.
Правилникот за работа на парламентот предвидува, во случај на барање да се гласа недоверба на владата, веднаш по доставеното барање се прекинува било која седница што е во тек и почнува расправата за недовербата. Седницата трае најмногу 3 дена по што следи и гласањето на пратениците.
Со оглед на тоа дека сѐ погласни се шпекулациите во Грција дека договорот ќе се потпише викендов во Преспа, за да не се создадат проблеми и одложување на потпишувањето, поради гласањето недоверба, според грчките медиум владата би можело да побара процесот да се скрати и наместо три дена да заврши порано.