Европски форум за рударство и истражување

Иновациите во испитувањето и вадењето руда, обработката, управувањето со отпад, како и затворањето на рудниците низ Европа и светот, ќе бидат во фокусот на годинашниот  3. Европски форум за рударство и истражување „MINEX EUROPE 2018“ што ќе се одржи денеска и утре во Скопје под мотото „Одржлив развој на западно тетијските металогени ресурси“.

На форумот ќе се обрати вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, а на предвидените тркалезни маси, панел-дискусии и презентации на иновативни решенија ќе присуствуваат светски експерти, преставници на лидерски компании во дејноста, истражувачки институции, преставници на надлежни владини министерства и институции, национални геолошки истражувачи, банки и адвокатски фирми, инвеститори и приватни еквити фондови и берзи.

Третиот ден од форумот е планиран за посета на рудникот Бучим.

Како што информира Стопанската комора на Македонија, Балканот, Бугарија, Турција, Кавказ и Централна Азија последните две децении се дефинирани како брзо растечки и едни од најважните светски рударски региони, богати со бакар, злато, литиум, кобалт, никел, борати, калај, како и ретки метали и ураниум.