Писмена реакција за преговорите за името

Почитувани,

 

Во врска со соопштението на Министерството за надворешни работи, Претседателот на Македонска Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, ја упатува следната реакција:

 

Крајно време е Заев, Димитров и Шекеринска да престанат со потценувањето на Македонскиот народ! Ако политичкиот договор меѓу Министрите за надворешни работи не може да се преточи на хартија, значи дека не е постигнат никаков договор. Со вчерашното соопштение МНР признава дека не се работи за технички усогласувања како што претходно јавно тврдеше Заев, туку за суштински разлики. Клучното прашање е колку голема кнедла се бара од актуелниот Премиер да голтне?

 

БАРАМЕ ИТЕН ПРЕКИН НА ПРЕГОВОРИТЕ! БРЗ РЕФЕРЕНДУМ МОРА ДА ИМА!

 

До кога актуелната Влада ќе дозволува официјална Атина да не понижува? Уште посрамно денес неименуван извор од Грчката Влада индиректно ја обвинува Македонската страна за наводно играње игри. Не само што не треба да се брза да се постигне договор туку треба веднаш да се организира референдум на кој Македонскиот народ како единствен суверен владетел на името и идентитетот ќе ја одреди судбината на преговорите за името. Без непосредно изјаснување на референдум секој евентуален потпис на некаков нов меѓународен договор со Грција, во Преспа или Лерин, нема да има никаква правна важност.

 

Македонската Алијанса одамна повикува на правно издржана позиција која Заев, Димитров и Шекеринска требаше да ја застапуваат во преговорите. Грција нема мандат да преговара, договора, потпишува и да гарантира исполнувањето на нов меѓународен договор кога не ја спроведуваат актуелно важечката Времена Спогодба. Како да преговараш со осудена земја која не почитува меѓународни норми и пресуда на Меѓународен Суд на правдата во Хаг? Особено што во Грција, опозицијата која со сигурност ќе стане власт јавно прокламира дека не признава Македонски идентитет. Актуелната Влада требаше да бара прво покана за НАТО и почеток на преговори со ЕУ, согласно Времената Спогодба и Хашката пресуда, па дури после продолжување на преговорите. Бидејќи не слушаа Заев, Димитров и Шекеринска на штета на Македонските национални интереси влетаа во Грчката замка, без да бидат свесни дека во суштина официјална Атина преговара без вистинска воља за конечен договор.

 

Во овој деликатен период Македонската Алијанса ги повикува актуелните функционери во Татковината да внимаваат какви потези ќе влечат. За било каков обид за ВЕЛЕПРЕДАВСТВО ќе нема прочка!

                                                                                   

Ѓорѓија Џорџ Атанасоски 

Претседател,

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА