Бизнис ангелите можност за влез на свеж капитал во македонските компании

Македонските компании особено малите и средните претпријатија имаат недостиг од вообичаените форми за финансирање поради што е потребно да се разгледаат правните можности за влез на ангел инвеститорите кои вложуваат свеж капитал во компаниите.

Од бизнис заедницата предлагаат да се разгледа правната регулатива за влез на овие инвеститори со што компаниите би ги реализирале своите проекти и би се овозможило нивно зајакнување, а со тоа би се зајакнало и домашното стопанство.

– Она што ние во стопанството го чувствуваме е една летаргична состојба по основ на инвестициите. Не се работи само за тоа дека компаниите немаат средства да ги инвестираат, туку дека и оние малку средства што ги имаат, не се подготвени да ги вложат, особено кога се работи за добра идеја која бара повеќе средства. И комерицијалните банки во Македонија не нудат финансиски средства за проекти без покритие. Затоа сметаме дека овој начин на финансирање е влез на големи средства по основ на капитал во нашиите национални компании со цел нивно брзо растење и овозможување да го реализираат она што не се во можност да го спроведат со средствата со кои располагаат, истакна претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска на денешниот форум „Потенцијал на регулатива за ангел инвеститори“.

Од Владата посочуваат дека според нивните сознанија за влез на вакви инвестиции не е проблем висината на даноците, но оти дебатите се неопходни за да види во кој дел може да се промени законската регулатива за да се овозможи влез на ваков капитал.

– Она што досега го имаме осознаено околу самата висина на даноците на која се жалат бизнис инвеститорите во некои држави, не е примарен проблем, но од европската и светската асоцијација доаѓаат барања за одредено законско регулирање. Тоа не е можно да се направи преку ноќ и затоа се потребни расправи да се види до каде и во кој дел може да се измени оваа регулатива, истакна министерот за регулатива за подобрување на инвестициската клима Зоран Шапуриќ.

Бизнис инвеститорите се застапени во повеќе држави како на пример Хрватска, САД, Турција, Португалија. Тоа се луѓе кои вложуваат во компаниите максимум до еден милион евра во временски период просечно од една до осум години. Предвидувањата се дека до 2020 година бизнис ангелите ќе вложуваат до 26 милијарди долари на годишно ниво.