МАНУ и ФДУ утре ќе одржат комеморативна седница за академик Матевски

Македонската академија на науките и уметностите соопшти дека нејзиниот редовен член, академик Матеја Матевски почина вчера, 6 јуни 2018, на 89-годишна возраст.

Погребот на акад. Матевски ќе се изврши утре на Градските гробишта Бутел во Скопје во 12 часот, а неговите посмртни останки ќе бидат изложени во капелата од 11 до 12 часот.

МАНУ заедно со Факултетот за драмски уметности утре од 9.30 часот ќе одржат комеморативна седница во свечената сала на Академијата.

Академик Матеја Матевски е роден на 13 март 1929 година во Истанбул и е меѓу најистакнатите претставници на современата македонска поезија и на европската лирика, литературен и театарски критичар, есеист и преведувач.

Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, а на Институтот за театарски студии во Париз го изучувал модерниот француски театар и драма.

Бил директор на Телевизија Скопје и генерален директор на Радиотелевизија Скопје. Бил редовен професор на Факултетот за драмски уметности, а вршел и високи општествени функции: претседател на Републичката комисија за културни врски со странство,
член на Претседателството на СРМ,  член на Македонската редакција на  Енциклопедијата на Југославија.

Акад. Матевски бил претседател на Друштвото на писателите на Македонија, Македонскиот П.Е.Н. центар, меѓународните поетски манифестации Струшки вечери на поезијата и „Рацинови средби“, Македонска книжевна фондација, „Охридско лето“ и на Бигорски научно-културни собири.

Бил уредник на многу книжевни списанија и основач и претседател на друштвата за пријателство на Македонија и Франција, Македонија и Норвешка и Македонија и Турција.

– Тој е еден од најпознатите македонски поети во светот. Се смета дека со збирката „Дождови“ ги поставил темелите  на македонската модерна поезија. Акад. Матевски има објавено 21 збирка поезија, пет книги литературна и театарска критика и есеистика, десетина избори од сопственото творештво, како и над 60 антологии и книги – препеви на поезија и преводи на драмски и прозни текстови на неколку јазици (шпански, француски, италијански, албански, руски, српски, словенечки). Особено се бројни неговите препеви на шпански и на хиспаноамерикански поети. Неговата поезија е објавувана во сите македонски и југословенски антологии и зборници, како и во повеќе европски и светски зборници, антологии и публикации, додека над 40 негови книги се објавени на повеќе од 20 јазици, наведува МАНУ.

Добитник е на сите национални книжевни и други награди и на голем број меѓународни награди. Во 2011 година доби „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за целокупниот поетски опус. Носител е на високото национално одликување „Заслуги за Македонија“ и на највисоките француски одликувања „Легија на честа“ и „Уметност и литература“.

Членуваше во повеќе европски и светски академии. За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран  во 1979 година, а за редовен во 1983 година. Во периодот од  2001 до  2003 година беше претседател на МАНУ.

Во повеќе наврати МАНУ го номинираше акад. Матеја Матевски за Нобеловата  награда за литература.