Писмена реакција за ставот на Артан Груби од ДУИ

Почитувани,

 

Во врска со ставот на шефот на кабинетот на Али Ахмети, пратеникот на ДУИ, Артан Груби кој за преговорите за името соопшти кои имиња се на маса за да го заменат Уставното име Република Македонија, Претседателот на Македонска Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, ја упатува следната реакција:

 

Срамно и понижувачки колку првенците на актуелната власт се прават слепи и глуви за суштината на спорот кој Грција ни го има наметнато. Го слушнаа ли Заев, Димитров, Шекеринска, Ахмети и Груби идниот Грчки Премиер, Мицотакис кој јавно потврди дека партијата со најголем рејтинг „Нова Демократија“ не го признава Македонскиот национален идентитет? Како е можно уште наивно да тврдат дека решението целосно ќе го гарантира идентитетот? Секоја промена на Уставното име е ревизија и чепкање во Македонскиот идентитет!

 

Премногу дрско е Груби во името на ДУИ да лицитира со имиња како „Крушевска“, “Современа„ и „Европска“ Македонија. Уште повеќе да ликува како со инсистирањето на ДУИ обезбедиле решение за името во делот на преведливоста на патните документи на националноста на припадниците на другите етнички заедници во Македонија. Жалиме што ДУИ покажува целосно непочитување на чувствителноста на Македонскиот народ! Сепак, најголема одговорност за ова што се случува имаат Заев, Димитров и Шекеринска кои заради своите фотељи се принудени да се обидат да спроведат велепредавство!

 

Бидејќи сите си дозволуваат да предлагаат име, Грци, Бугари, Албанци, Срби, претставници на ЕУ и други, тогаш јас Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, како Македонец, патриот и визионер предлагам име за севкупна употреба, ерга омнес, ОБЕДИНЕТО КРАЛСТВО МАКЕДОНИЈА! Ова име навистина го зајакнува Македонскиот национален идентитет, има историска рефлексија и сигурно ќе помине на референдум!

 

 

 

                                                                                    Ѓорѓија Џорџ Атанасоски            

Претседател,                                                                      

  МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА