Музеј на илузии во центарот на Скопје

Во центарот на Скопје од денеска почна да работи Музеј на илузии, прв во Македонија, каков што има во европските градови. Беше подготвуван неколку месеци и е направен по оригинален музејски концепт. Лоциран е на ул. „Максим Горки“ на 550 квадратни метри и три нивоа. На почетното има кафетерија и сувенирница, а на горните две нивоа се музејските содржини.

Благица Илиќ, претставник на Музејот, на отворањето претпладнево рече дека по површина е најголем ваков музеј во нашето опкружување. Целна група се деца и млади, но дека со илузионистичките содржини кои ја менуваат реалноста ќе им понуди рекреација и на возрасните посетители.

– Триесетина содржини и повеќе од 60-ина слики во галерискиот простор нудат една необјективна реалност и сосема необичен и досега невиден концепт на идејни решенија. Посебноста на нашиот Музеј на излузии во однос на тие што постојат во регионот е во тоа што тој претставува колаж од повеќе музејски активности. Во тоа  е неговата оригиналност, рече Илиќ.

Посетителите ќе може да се фотографиираат во просториите и со експонатите кои даваат илузионистички ефекти – соби во кои може да се изгледа како џуџе и како џин, соба со огледала каде што посетителот е мултиплициран, соба за гравитација и опозитна архитектура, разни 3Д принтови кои доловуваат пропаѓање во дупка во лифт без дно, налет на воз итн…Поставката содржи и слики и фотографии со двојни значења, загатливи форми што бараат логика итн.

Стручни лица ќе бидат ангажирани како водичи кои ќе ги објаснуваат содржините, но и ќе ги советуваат посетителите од кои позиции може да направат идеална фотографија на оптичка илузија. Тематските поставки ќе се менуваат, музејот ќе организира и видеопрезентации, а во иднина планира и магионичарски точки и трикови на гости-илузионисти и настапи на пантомимичари. Отворен ќе биде и за организирање родендени.

Ваков тип музеј најблиску во регионот има во Белград, кој беше отворен пред десетина дена, и затоа се очекува да  привлече голем број туристи. Директорот на Агенцијата за промоција на туризмот Љупчо Јаневски изјави дека на Скопје во изминатите години му недостигала ваква туристичка понуда, а дека токму музеите и нивните поставки се доста посетени во главниот град.

– Некои музеи во Скопје достигнаа број од 200 илјади посетители во последните неколку години, а интересот расте секој ден. Секоја дестинација е препознатлива по атракциите кои ги нуди, а градот Скопје има многу што да понуди. Музејот на излузии ќе биде парче во тој мозаик за гостите што доаѓаат во градот. Со него Скопје ќе биде препознатлив на Балканот и во Европа. Следната година се надевам ќе имаме податоци за посетители, рече Јаневски, повикувајќи ги туроператорите и туристичките агенции да го стават овој музеј во нивната понуда.

Музејот на илузии ќе биде отворен секој ден седум дена во неделата од 8 до 20 часот. За домашни и странски посетители цената на влезницата е 300 денари, за деца до 12 години 200, а ќе има и билети за организирани ученички и за фамилијарни посети.