Мицкоски: Процесот на преговори за името е погрешно воден

Политиките на Зоран Заев за името се темелат на лаги, а процесот на преговори е комплетно погрешно воден, со погрешни луѓе и погрешна методологија, смета денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Во гостување на ТВ Сител, Мицкоски рече дека „ако се водиме по клучните барања на соседната страна, значи дека сме подготвени да капитулираме, а ако ја прифаќаме црвената линија како конечна позиција, нема потреба да преговараме“.

Мицкоски му даде оценка „десет“ на саботниот партиски митинг на кој, како што нагласи, десетици илјади граѓани му кажале огромно „не“ на Заев за политиките на домашен и меѓународен план.

– Паметен политичар треба да извлече поука од таквата реакција и врз основа на тоа да почне да води нови политики во кои предзвик ќе му биде како да им го направи на граѓаните животот подобар, истакна Мицкоски.

Тој најави работно лето. На 16 и 17 јуни во Битола, рече, партијата ќе го одбележи роденденот, но простор за славање нема. Предвидени се и бројни средби со граѓани, додека политиката ќе базира на внимателност, не на емотивност.