Пратеникот на ДУИ, Артан Груби денеска во интервју за Канал 5 истакна дека преговорите меѓу Македонија и Грција за името не се во ќорсокак, туку дека се работи за различна имплементација на договореното и додаде дека во игра се и други креативни решенија, освен оние од пакетот на Метју Нимиц.
– Медијаторот Нимиц ги предложи Северна, Вардарска, Горна, Нова и Република Македонија (Скопје). Знаете дека се преговара за имињата предложени од Нимиц, но се преговара и за секое можно ново креативно решение. Креативно како: „Република Крушевска Македонија“, „Република Современа Македонија“, „Република Европска Македонија“, рече Груби.
Груби нагласи дека се е договорено во преговорите со Грција, останува уште начинот на имплементација на договорот.
Според него денови се во прашање до потпишувањето на договорот за надминување на спорот за името.
– Никогаш не сме биле поблиску до решение. Ние како партија сме големи оптимисти и даваме голема поддршка за решавање на спорот. Последните информации се дека се доближени ставовите на двете страни и мислам дека ова е оптимистична вест. Убеден сум дека во наредните денови тоа што нејасно ќе биде надминато и дека ќе успееме да го потпишеме и всушност ќе успееме да го зачуваме тоа што е најважно за моите сограѓани Македоници: идентитетот, јазикот, државјанството. Преговорите не се во ќорсокак, се работи за различна имплементација на договореното. Македонецот ќе остане Македонец, било во Скопје или во Брисел и Вашингтон. Јазикот ќе остане македонски, во групата на словоенски јазици, што е факт, рече Груби во интервју за Канал 5.