Почитувани,
Во врска со ставот на Грчката опозициска партија „Нова Демократија“ дека не го признава Македонскиот идентитет, Претседателот на Македонска Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, ја упатува следната реакција:
Од кога наводно техничките детали од договорот за кои Заев тврдеше дека го одлагаат неговиот телефонски разговор со Ципрас станаа оспорување на Македонскиот национален идентитет од Грчка страна? Нели Заев, Димитров и Шекеринска на цел глас тврдеа дека договорот ќе го зајакне Македонскиот национален идентитет? Каков е тој чекор кој Заев се очекува да го направи а на кој се повикува кабинетот на Ципрас? На каква уште капитулација треба да се согласи актуелната власт во Татковината?
Во рок од една недела во Грција се тера средновековна иредентистичка кампања против Македонија. Наводниот „пријател“ на Македонија, Алексис Ципрас јавно обелодени дека Зоран Заев со заедничко негово писмо со Светиот Синод на МПЦ-ОА од Вселенската Патријаршија побарал признавање на автокефалноста на Црквата со бришење на терминот МПЦ. Во среда таканаречениот „Комитетот за борба за Грчкиот карактер на Македонија“ закажа протести во 13 градови во Егејска Македонија. Грчкиот Архиепискот Јеронимос од Авлонас потенцираше дека нивната Црква се противи во евентуалното решение на спорот да биде содржан терминот Македонија. Коалиционите партнери на Сириза, партијата на Панос Каменос, Независни Грци ги повторија своите радикални ставови и капак на се’ беше изјавата на Костис Хацидакис кој во името на Нова Демократија изјави дека идната Грчка власт не го признава Македонскиот национален идентитет. Вака ли ќе се избоксува достоинствено решение за името? Уште колку понижувања треба да издржат Заев, Димитров и Шекеринска за да се уверат дека сржта на Грчките уцени е обезличувањето на Македонскиот народ? Или повторно и за овие позиции на официјална Атина ќе се обвинуваат оние кои го бранат светото Македонско име и идентитет?
БАРАМЕ ИТЕН ПРЕКИН НА ПРЕГОВОРИТЕ! БРЗ РЕФЕРЕНДУМ МОРА ДА ИМА!
Македонската Алијанса бара референдум на кој граѓаните конечно ќе се изјаснат дали воопшто подржуваат и понатаму да се преговара. Македонскиот народ е единствен суверен владетел на Македонското име и идентитет. Ниту еден лидер, партија или коалиција не е поголема од народот. Македонскиот народ во историјата поминал низ многу премрежја, ќе го помине и ова и ќе излезе посилен од било кога! Доста беше понижување на Татковината!
МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА
Претседател,
Ѓорѓија Џорџ Атанасоски