Ќе бидам министер за сите, без разлика на нивната етничка, партиска и верска припадност. Ќе се потрудам да креирам унитарен културен идентитет за сите и да градам мостови на културна соработка меѓу сите заедници и сите граѓани во Република Македонија, изјави Асаф Адеми по преземањето на функцијата министер за култура.
Тој е прв кадар од Движењето Беса кој станува министер во Владата на Зоран Заев и функцијата ја презеде од својот претходник Роберт Алаѓозовски во кабинетот во Министерството за култура. За медиумите Адеми изјави дека со Алаѓозовски разменил мислења и идеи за тоа како да се подобри културниот живот во Македонија.
– Се согласивме дека сме на вистинскиот пат за евроинтеграција на земјата. Тоа треба позитивно да се одрази и на културниот живот во Македонија и за тоа да се реализира ќе направам максимални напори. Се согласивме и дека културниот живот почнува да се созема по неколкугодишните културни проекти што направија недобри работи во однос на мултикултурниот и мултиетничкиот жвиот во земјава, додаде Адеми.
Тој е градежен инженер, досега бил управен директор на канцеларијата на INSCALE Global во Скопје, а има и дипломатска кариера како поранешен амбасадор во Данска.
Адеми и Алаѓозовски не одговараа на новинарски прашања сакајќи денешната средба на примопредавање на функцијата да остане протоколарна. Новиот министер вети соработка и отвореност, а на прашањето што ќе го советува својот наследник, Алаѓозовски одговори дека не би му дал совет затоа што од она што досега го разговарале новиот министер, како што рече, е свесен за ситуацијата во културата и и има заложби да работи во интерес за културниот развој и за остварување на културните потреби на граѓаните.
Алаѓозовси нагласи дека културата се наоѓа во реформски процес и од Адеми очекува политика на континуитет и реализација на донесената Стратегија за културен развој.
– Очекуваме нов колективен договор за вработените во културата. Имаме и готов предлог-концепт за нов закон за културата, така што ова е еден вид штафетно примопредавање. Ние со полна брзина ја предаваме работата и сите наши досегашни резултати и процеси на новиот министер и на новиот кабинет и очекуваме дека со истата брзина работата ќе продолжи понатаму. Целта е граѓаните и културните работници да добијат еден современ систем кој во изминатите 11 години знаеме како беше девастиран, изјави Алаѓозовски.
Тој го раководеше ресорот култура од 1 јуни 2017, односно од составувањето на Владата на Зоран Заев минатата година. Соопшти дека останува на висока позиција во Владата како национален координатор за култура, културен развој и интерресорска соработка во културата, позиција која, рече, директно му е одговорна на премиерот за работата