Нашето општество веќе е доволно зрело за да отпочне едно ново поглавје во меѓуконфесионалниот живот. Првата цел што треба да ја постигнеме е да разговараме отворено за прашањата кои ги загрижуваат одреден дел од граѓаните. Доколку површно ги ставаме проблемите под теписон, кога тогаш ќе се сопнеме од истите, истакнува Даријан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верски заедници во интервју за МИА, што утре ќе го објавиме.
Сотировски најави формирање неформални совети во општините каде локалните власти и верските заедници ќе можат отворено да ги кажат проблемите кои им создаваат непријатност во секојдневието.
– Кога веќе еднаш ќе ги детектираме сите такви прашања, ќе бидеме чекор поблиску кон нивно заедничко надминување, вели Сотировски.
Во врска со писмото што премиерот Зоран Заев го испрати до вселенскиот патријарх и одговорот од таму, Сотировски прво ги осуди обидите, како што вели, да се спинуваат информациите во јавниот простор, и рече дека премиерот побарал патријархот „да се заложи за решавање на несогласувањата околу статусот на МПЦ.
– Од друга страна, Македонската православна црква од своја страна испратила исто такво барање во кое бара православната екумена да ја увиди реалноста и формално преку томос истата да ја потврди. МПЦ-ОА остана јасно на ставот дека воопшто не барале ниту прифаќаат откажување од зборот Македонија, туку само признавање на Македонската православна црква, како и нејзиното еклисиолошко име Охридска архиепископија, согласно канонското право и православната традиција, рече директорот на Комисијата за односи со верски заедници во интервјуто за МИА.
Коментирајќи го Извештајот на Стејт департментот за верски разлики во Македонија, Сотировски потенцира дека Република Македонија мора да овозможи широка лепеза на верски слободи и права на граѓаните, во согласност со меѓународното и домашното важечко право и оти сите случаи на кои се осврнува извештајот треба сериозно да се разгледаат и елборираат.
– Често се отвораат проблеми околу изградба на верските храмови, само затоа што долго време поединци храмовите ги доживуваат како знамиња, односно маркации на етничка територија. Сакралните објекти се храмови за принесување молитви и вршење верски обреди. Во мојот роден град Тетово реална е потребата од нова црква после толку векови, а не е реална потребата на толку голем број на цркви, иако сите се прекрасни во општина Аеродром. Од случај до случај мораме да пресудуваме објективно. Околу регистрацијата на апликанти кои имаат пресуди од меѓународниот суд, постапката е во раце на судот, каде треба да иницираат повторување на постапка, како вонреден правен лек. Сепак еднаш веќе потенцирав, дека Европската конвенција за човекови права дава генерална прокламација за правото за здружување и верско организирање, кое треба пак да се реализира во согласност со домашниот Закон за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група, потенцира Сотировски во интервјуто за МИА