Наставниците по италијански јазик кои од септември ќе го предаваат како наставен предмет во државните училишта во Македонија денеска на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ имаат обука во рамки на првата национална дебата „Предизвиците во наставата по италијански јазик“.
Владата на Република Македонија на седница на 6 март годинава донесе одлука италијанскиот јазик да се изучува изборно во основните и средните училишта како втор странски јазик, на ниво со другите изборни јазици – француски и германски.
Наставниците кои дипломирале италијански јазаик, а некои од нив го предаваат во приватните училишта за странски јазици, од учебната 2018/2019 година ќе имаат можност да работат со ученици во редовната настава кои ќе се заинтересираат за изучување на јазикот.
За неговото воведување заслуга има и Амбасадата на Италија во Македонија и во знак на благодарност Здружението на професори по италијански јазик (ЗПИРМ), кое денеска ја организира обуката, му врачи плакета на италијанскиот амбасадор Карло Ромео за неговиот придонес за промоција и афирмирање на италијанскиот јазик и култура во Македонија.
Наставниците на семинарот-обука се запознаваат со новите наставни програми за италијански јазик во основните и средните училишта кои Бирото за развој на образованието веќе ги подготови и ги има објавено на својата веб-страница. Тие ќе бидат обучени како да ги планираат наставните целини – дефинирање на целите, методи, активности и начини и постапки на оценување.
Амбасадорот Ромео изјави дека со оглед што се очекува да се зголеми интересот за изучување на италијанскиот јазик, младите професори треба да се подготват и да го зголемат квалитетот на наставата.
– Ова е прв семинар на кој треба да им се објаснат на младите наставници карактеристиките на наставните програми кои беа изработени неодамна и на кој начин да се справат со проблемите на кои евентуално ќе наидат, рече италијанскиот амбасадор.
На семинарот учествуваат шеесетина професори по италијански јазик, а го води проф. д-р Радица Никодиновска од Катедрата за италијански јазик и книжевност, која е и претседател на ЗПИРМ. Таа рече дека во некои училишта е почнато анкетирањето за интерес за изучување на јазикот.
– Според одлуката на Владата, предвидено е италијанскиот да се воведе и во основните, и како втор странски јазик во средните училишта само доколку е продолжителена наставата од изучувањето на јазикот во основно училиште. Здружението учествуваше во изработката на наставните програми кои се направени во рекорден рок. Нешто што вообичаено се работи за една година, работната група го изработи за еден месец. Сега се фокусираме, се разбира етапно, со поголем интензитет да се воведе во основните, за потоа да има континуитет во средните училишта. Колкав ќе биде опфатот ќе зависи од интересот на учениците, односно од заинтересираноста на родителите, директорите, градоначалниците, рече Никодиновска.
Очекуваат интерес зашто во Македонија има традиција на изучување на италијанскиот јазик. Всушност, се работи за обнова, затоа што во еден период тој беше воведен во наставата како втор странски јазик, но прекинот настана пред десетина години кога се воведе деветгодишното образование зашто не беа подготвени новите наставни програми за деветолетка.
Во Куманово и во Центар Жупа, каде што има голем број иселеници во Италија, константно се изучува овие години како втор јазик, и во основни и во средни училишта, според старата програма. А како трет странски јазик, италијанскиот и сега непрекинато се изучува во неколку гимназии.
Идната година ќе бидат одбележани 60 години од изучувањето на италијанскиот јазик во Македонија. Катедрата за италијански јазик и книжевност како посебна е формирана во 1997/1998, а претходно беше во рамки на Катедрата за романски јазици и книжевност. Има две насоки – наставна и преведувачко-толкувачка.
Раководителката на Катедрата, проф. д-р Александра Саржоска, за МИА изјави дека за сите тие години имаат околу 500 завршени италијанисти.
– Тоа не е мал број и затоа и се јави потребата за една поинаква активност – бидејќи произведувате кадар, а не му овозможувате да работи. Не сум голем оптимист дека ќе имаме бум од септември, зашто тоа значи и вработување наставници, но се надевам дека е процес што ќе трае и дека италијанскиот јазик ќе си го најде своето место. Затоа што тој, според неодамнешни податоци, е четврти странски јазик во светот по број на изучувачи, рече Саржоска.
И на нивната Катедра интересот се зголемува од година в година, а во добрите години, како што рече, имале и над 200 заинтересирани кандидати, но бројот за упис го ограничувале на 120 студенти.
– Минатите две-три години имавме навистина мала бројка на студенти, 12-13. Со Конкурсот за оваа учебна година ќе имаме за 75 студенти – 30 во квота за редовни, 30 за кофинансирање на студиите и 15 вонредни, додаде Саржоска.
Покрај на УКИМ, студенти за италијански јазик ќе запишува и Катедрата на Штиспкиот универзитет, каде што италијански предаваат професори кои докторирале на Скопскиот универзитет.