Меморијален комплекс на француските воени гробишта во Битола

Меморијален комплекс посветен на споменот на француските војници кои се бореле на Македонскиот фронт, како и на локалното население кое ја доживеало Првата светска војна, заедно со нив, денеска е отворен на Француските воени гробишта во Битола.

Комплексот го отворија вицепремиерот и министер за одбрана Радмила Шекеринска, министерката Женевиев Дарисек, државен секретар во Министерството за вооружени сили на Република Франција и градоначалничката на Битола Наташа Петровска.

– Овие воени гробишта се паметник за нашата заедничка должност, да учиме од минатото. Тие се извор на поука која ги прави бариерите помали, а работите што сплотуваат – позначајни. Од поуките на трагичното минато треба да изникне траен мир и соживот за сите. На територијата на Република Македонија покрај илјадници воени гробови од тоа време се наоѓаат и бројни материјални остатоци од фронтовските линии и воени објекти. Тие се потсетници дека тука пред еден век војувале над милион војници од сите нации и вери, а градот Битола бил еден од најбомбардираните и најразурнати градови во Европа со бројни цивилни и воени жртви, истакна министерката Шекеринска.

 

Сето ова, додаде, заслужува внимание и почит и треба да биде одбележано.

– Со отворањето на Меморијалниот комплекс во Битола го збогатуваме културното и духовното наследство на Република Македонија за Првата светска војна, симбол на заеднички страдања но и на зближување, пријателство и соработка меѓу двете држави, посочи Шекеринска.

Таа потсети дека пред два дена за време на нејзината посета во Париз зборувала во Европскиот совет за надворешна политика, како и со претседателот на Комисијата за одбрана во француското национално Собрание, каде, како што рече, е потврдена француската поддршка на Република Македонија за нејзината стратешка цел, членство во НАТО.

– Историјата е добар учител, но лош господар. Да учиме од историјата, бидејќи ние политичарите имаме одговорност никогаш да не дозволиме историјата да се повтори. Никогаш да не дозволиме човечки страдања и жртви. Фактот што денеска Република Македонија се наоѓа на чекор до членството во НАТО е современ доказ дека ние на овие простори сме ја научиле лекцијата, нагласи Шекеринска.

Франција се сеќава дека тука на Македонскиот фронт се одигра дел од исходот од 1918 година. Токму овде во септември 1918 година се решаваше судбината на централните империи, на решавачкиот пробив на фронтот под водство на генералот Франше Д’пере. Тогаш се претскажуваше и најавуваше 11 ноември 1918 година, крајот на големата војна, рече во своето обраќање министерката Женевиев Дарисек.

– Во оваа прилика сакам да потсетам дека ние ги познаваме страдањата на населението и градот во Битола во тој период.Годинава е значајна за европскиот континент. Во Франција примирјето од 11 ноември 1918 година во голема мера ќе биде одбележано со бројни собири со цел да се оживее европското сеќевање и заеднички да испратиме порака за мир, рече Дарисек.

Според градоначалничката на општина Битола Наташа Петровска, денешниот настан е за простување и за создавање шанса за поубава утрешнина во која мирот и почитта ќе станат временска одредница.

– Да создадеме свет со раскошна демократија, свет на единство и солидарност. Нека Европа стане едно, нека Светот биде едно – топол дом за човештвото, порача Петровска.