Македонија досега има заштитетно само еден традиционален бренд – охридската цреша

Македонија досега има заштитено само еден традиционален производ со ознака за квалитет – охридската чреша. Иако потенцијалот за заштита е голем и иницијативи има, проблемите на терен се бројни, беше речено на денешната конференција „Регулативите на маса: во поддршка на традиционалните производи“.

Според учесниците на конференцијата, клучните слабости се кај производителите. Тие не се организирани, ниту информирани за бенефитот од заштитата на нивните производи, немаат доволно средства, а и ретко се регистрираат со образложение дека процедурите и постапките се комплицирани.

– Мариовскиот мед, беровскиот компир, преспанското јаболко, дебарското сирење,… се само некои од традиционалните производи што може да се заштитат. Но нашите истражувања покажаа дека мора најпрво да се решат базичните проблеми: регистрацијата на објектите за производство на храна, недоволната информираност на производителите, нивната слаба заинтересираност и недовербата за здружување и работа во група, истакна Емилија Неделковска до Фло Фуд Македонија.

Според неа, ознаките за квалитет што се поделени во три групи, заштитена географска ознака, заштитена ознака за потекло и гарантиран традиционален специјалитет, се многу важни алатки за одржлив локален и економски развој.

Вјара Стефанова од Општество за територијален и еколошки просперитет напомена дека ИПАРД е една од опциите за обезбедување средства за заштита на традиционалните производи. Сепак, на производителите им е неопходна едукација, консултација и стручна помош. Треба да им се организираат средби со фармери од ЕУ заради размена на искуство.

– Сакав да го регистрирам објектот за производство на традиционално бело овчо сирење во Дебар, но институциите не ми дозволија зашто е во населено место, иако имам хасап и ги исполнував сите неопходни услови. Во Италија сите традиционални производители прават сирење во куќи, изјави Скендер Аме, мајстор за традиционално овчо сирење од дебарскиот крај.

Инспекторите изнесуваат спротивен став, велат дека колку и да бидат минимизирани условите што се бараат од традиционалните производи, тие повторно ќе речат дека се прекомплексни и сложени. Конференцијата е организирана во рамки на проектот „Одржливо земјоделство за одржлив Балкан“, со поддршка на ЕУ.