Името се уште „се крчка“, можен договор до петок

Со Грција се уште нема договор за прашањето за името,  а исчекор се очекува до петок, до кога треба да се случи најавениот телефонски разговор  меѓу македонскиот и грчкиот премиер Зоран Заев и Алексис Ципрас, што треба да биде заокружување на договорената рамка за решението на последната средба меѓу шефовите на дипломатиите Никола Димитров и Никос Коѕијас.

– Се уште не е ништо договорено. Како што соопштија министрите Димитров и Коцијас договорени се принципи и начела на договор. Се работи на правно формалниот аспект на самиот договор, следува разговор помеѓу мене и премиерот Ципрас, верувам деновиве, вечерва, утре или до петок. На овој разговор очекувам да направиме исчекор што е многу значаен и затоа ги следиме сите шпекулации во јавноста, рече премиерот Заев, во вчерашниот отчет за едногодишната работа на Владата.

Договорот ќе треба да се ратификува во Собранието пред да се одржи референдум, којшто, според Заев, веројатно ќе биде во септември или октомври.

За усвојување на договорот во Парламентот Заев се надева на големо мнозинство во Собранието заедно со опозицијата. Тврди дека нема ништо тајно и непознато во чекорите за спроведување на договорот и оти тоа се работи што се разговарале на лидерската средба пред неколку дена. На лидерската, како што рече, и претседателот Ѓорге Иванов бил целосно информиран за сите детали, а финесите што следеа потоа ќе му ги пренесе министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Грчкиот премиер, пак, вчера оцени дека се наѕира перспектива за решение за името. Во говорот на годишното генерално собрание на грчката Федерација на претпријатија, говорејќи за улогата на Грција како столб на стабилност на Балканот, Ципрас како пример ја спомена „перспективата за решение што се наѕира во тешките, но неопходни преговори со поранешната југословенска Република Македонија“.

– Преговори со кои управувавме и продолжуваме да управуваме со чувство на одговорност и патриотизам. Но, и со решителност и верба во потребата за изнаоѓање решение, рече Ципрас.

Истовремено со пораките од Заев и Ципрас, претседателот Иванов, како што соопшти неговиот Кабинет, порача дека  не е прифатливо решение за името ерга омнес.

– Ставот на претседателот Иванов е принципиелен, а воедно и конзистентен со ставовите на сите досегашни претседатели на Република Македонија. Тој став е дека претседателот Иванов не прифаќа решение за прашањето за името за севкупна употреба или ерга омнес, се наведува во соопштението од Кабинетот на Иванов.

Според македонската страна во преговорите, ниту едно име не е фаворизирано, а за грчката страна решението ќе биде со име од трите предлози на медијаторот на ООН Метју Нимиц „Република Нова Македонија“, „Република Северна Македонија“ или „Република Горна Македонија“.

За доработка на рамковниот договор во пресрет на средбата на премиерите заседаваат  експертски работни групи од Македонија, Грција и од Обединетите нации.

По постигнување на конечно решение, се предвидени повеќе чекори. Договорот да биде изгласан во македонското Собрание, а потоа со допис Грција да го извести НАТО дека го одобрува влезот на Македонија во Алијансата. Следата фаза, на 28 и 29 јуни на Самитот на ЕУ, на Заев и официјално да му биде доделен датум за почеток на пристапни преговори на Македонија со Унијата, а на 11 и 12 јули на Самитот во Брисел да следува официјална покана за влез во НАТО. Во септември или октомври, да се одржи референдум за името, потоа македонското Собрание да одобри уставна ревизија  по што договорот треба да стигне во грчкиот Парламент на ратификација.