Нова демократија не треба да брза. До овој момент не постои никаков договор, велат од кабинетот на грчкиот премиер во одговор на прашањата од опозициската партија, во однос на вчерашните ставови од премиерот Заев и додаваат дека единствено што за сега постои е одлуката од Вселенската патријаршија во однос на името на македонската црква.
– Единствено што постои до овој момент е одлуката на Светиот синод на Вселенската Патријаршија да се спроведе потребното за да се задоволи барањето на премиерот на ПЈРМ за бришење на терминот „Македонија” од името на црквата на нашите северни соседи, пишува во соопштението.
Во одговорот до Нова демократија кабинетот на Ципрас ги повторува позициите на грчката Влада во преговорите за името, јави дописничката на МИА од Атина,.
– Предуслов за решение и интеграција на ПЈРМ во НАТО и ЕУ е договор за сложено име со географска или временска одредница, што ќе важи за сите, нешто за што предуслов е и уставна ревизија, соопштуваат од кабинетот на грчкиот премиер и на опозициската партија и’ порачуваат дека набргу, доколку постои договор, ќе сфати дека ќе треба долго време да бара некаков аргумент за да не го поддржи договорот.
Повикувајќи се на вчерашните изјави на македонскиот премиер Зоран Заев на прес конференцијата, Нова демократија побара од грчката Влада да одговори дали Ципрас веќе прифатил признавање на македонски јазик и македонски идентитет, дали се повлекол од националната позиција за ерга омнес име и дали веќе се обврзал да дозволи интеграција на Македонија во НАТО, „без да бидат отстранети од Уставот сите неприфатливи иредентистички наводи“.