Почитувани,
Во врска со денешната потврда од Премиерот Зоран Заев дека е точно сценариото за решавањето на спорот за името што го објави Грчката телевизија „Скај“, Претседателот на Македонска Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, ја упатува следната реакција:
Татковината не е приватна фирма на Заев, Димитров и Шекеринска. Премиерот не може да се однесува како управител со неограничени овластувања! Како тоа Заев прво ќе потпише договор со Ципрас, послушното Владино мнозинство ќе го ратификува веднаш, а референдум дури во септември или октомври. А чии ќе бидат последиците кога Македонскиот народ нема да одобри велепредавство?
БАРАМЕ РЕФЕРЕНДУМ ЗА СУДБИНАТА НА ПРЕГОВОРИТЕ!
Ниту еден политичар или партија нема мандат за да го распродава светото Македонско име и национален идентитет. Време е Македонскиот народ да се изјасни дали политичарите имаат воопшто право да преговараат за името и идентитетот! Заев, Димитров и Шекеринска пред воопшто и да помислат да стават потпис на нов меѓународен договор треба прво да го прашаат Македонскиот народ дали се согласува со промена на Уставното име!
ДОСТА ВНЕСУВАТЕ РАЗДОР ВО МАКЕДОНСКОТО НАЦИОНАЛНО ТКИВО!
И ние сме за ЕУ и НАТО Алијансата ама не сме уценети како актуелното политичко водство. И ние сакаме да одиме напред но без да бидеме понижени и обезличени! Заслепени од нивните болни амбиции да станат власт сега Заев, Димитров и Шекеринска немаат избор, принудени се да тераат со глава во sид и по секоја цена кукавички да се обидат да протуркаат велепредавство! Јалови им се тезите дека тие застапувале Европски вредности, а оние кои се борат да го зачуваат Македонскиот идентитет биле мрачни сили кои не и сакале добро на Татковината! Зарем според нив успех е што ќе ги прифатат сите уцени на Грчките националисти и Македонија ќе се обезличува на рати? Не, тоа е потчинување на Татковината! Да, за разлика од вас ние не се срамиме што сме патриоти, но многу се срамиме од фактот што ваква предавничка власт Македонија никогаш немала порано во историјата.
Македонската Алијанса им порачува Заев, Димитров и Шекеринска да не се лажат дека евентуалниот кукавички чин ќе помина без нивна одговорност. Ако и покрај сите предупредувања стават потпис на меѓународен договор кој ќе ја доведе Татковината во положба на потчинетост, согласно член 308 од Кривичниот законик им се заканува и кривичен прогон и казна затвор.
Ѓорѓија Џорџ Атанасоски,
Претседател на
МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА