Јакнењето на политиките и врските меѓу животната средина и останатите сектори се од голема важност за остварување на целите за одржлив развој, изјави министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки денеска на отворањето на седмиот Состанок на регионалната работна група за животна средина на шесте економии од Југоисточна Европа: Албанија, Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Србија.
Посочи дека состанокот силно ќе придонесе за јакнење на соработката меѓу земјите од Западен Балкан и истовремено ќе помогне за спроведување на целите и приоритетите поврзани со животната средина од стратегијата ЈИЕ 2020.
– Финансирањето за два проекти веќе е обезбедено од австриската Агенција за развој. На состанокот ќе биде презентиран напредокот и следните чекори за двата проекти. Работната група има клучна улога во двата проекти и ја цениме вклученоста на сите министерства, изјави Дураки.
Изрази уверување дека сите иницијативи од работната група ќе имаат значителен придонес за создавање на идните политики и активности и дека ќе бидат остварени целите.
Заменикот генерален секретар на Советот за регионална соработка Газмен Турдиу, на отворањето, посочи дека ваквиот формат на регионална соработка е препознаен како платформа за координација на активностите и целите.
– Имаме резултати со кои можеме да се гордееме. Од состанокот во Белград, во јуни 2017 година, имаме четири проекти кои продолжуваат со заедничка имплементација. Два од нив ги адресираат потребите на регионот на Западен Балкан и поддршка на спроведувањето на стратегијата ЈИЕ 2020, рече Турдиу.
Посочи дека останатите проекти за климатски стратегии напредуваат добро и се прават подготовки за летни школи за експерти за климатски промени.