Германско-француското помирување по завршувањеto на Втората светска војна и воспоставувањето на блиско пријателство меѓу двете земји, кое е засновано врз тесни граѓанско-општествени односи, е еден од најголемите успеси на француската и германската надворешна политика, смета германскиот амбасадорот Томас Герберих, кој заедно со францускиот амбасадор Кристиан Тимоние говорат за трансформациската улога што ја имаше Елисејскиот договор постигнат меѓу двете земји во 1963 година. Од поранешните „вечни непријатели“ двете земји, вели, станаа најважните партнери во Европа, кои заедно ги обликуваат основите на трајно мирна Европа.
– Не постојат две држави во светот, кои во јавниот и социјалниот живот се потесно поврзани. Тоа треба да биде пример и за државите од Западен Балкан и поширокиот регион, вели Герберих.
Тој наведува дека новата македонска Влада, од инаугурацијата во јуни 2017 година до денес, покажа политичка волја за преземање на потребните чекори, што овозможуваат не само добрососедски соживот во регионот, туку треба да донесат и брз пристап кон ЕУ и НАТО.
– Во надворешната политика Владата презеде клучни чекори за намалување на тензиите во односите кон соседските земји и нивното подобрување, на пример, потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и обновувањето на добрососедските односи со Грција. Помирувањето мора да го одреди делувањето. Германија и Франција покажаа дека тоа може да успее, вели Герберих.
Според него, македонско-грчките односи во последните месеци се интензивираа на сите нивоа. Имаше низа билатерални проекти, а се зближија и ставовите околу решение за прашањето со името.
– Сега треба да се преземат уште поинтензивни напори за изнаоѓање компромисни линии, што ќе овозможат спогодба. Натамошното подобрување на македонско-грчките односи може да биде појдовна точка за сите држави во регионот и за целокупното интензивирање на соработката, а притоа ни една земја да не се запостави, вели германскиот амбасадор.
Францускиот амбасадор Кристиан Тимоние истакнува дека Елисејскиот договор од 1963 година постои благодарение на духот на едно време и, пред се, на две исклучителни личности кои биле свесни за тоа дека создаваат историја, имале чувство на одговорност, и од кои може да научиме многу важни лекции за улогата на државниците.
– Елисејскиот Договор беше визионерски и вклучуваше голем број практични одредници кои имаа за цел да се зацврсти партнерството меѓу еднаквите, враќајќи ѝ го на Германија целото нејзино политичко достоинство, а овозможувајќи ѝ на Франција да ја стекне поддршката од земјата, која исто така беше во економски подем…”Двоецот” сè уште се смета за двигател на Европа, а со Брегзитот, неговите иницијативи за заживување на европскиот проект се очекувани повеќе од кога и да е. Билансот од Договорот е исклучително поволен и покрај тоа што може да се размислува во насока дека е пожелно да се конкретизира извонредниот квалитет на односите помеѓу Франција и Германија со нов текст, што ќе одговори на предизвиците на новиот век, вели Тимоние.
Според него, суштината на успехот на Елисејскиот договор не е толку во помирување, колку во заедничко работење.
– Постои, секако инспирација, која може да се најде во овој акт од 1963 година, што беше подготвен и продолжен: да се извлече лекција за една политичка храброст, долгорочна визија, взаемно почитување, но и идеја дека големите одлуки понекогаш создаваат сложени патишта и дека само добрата волја, добрата верба и вклучувањето на народите, овозможуваат договорите да станат реалност. Не се работи толку за помирување, колку за заедничко работење, секој според својот избор и можности, во рамки на големиот европски проект. Токму оваа порака може да биде повеќе од кога било споделена меѓу Париз и Берлин и Атина и Скопје, порачува амбасадорот Тимоние.
Елисејскиот договор беше склучен во 1963 година од страна на тогашниот Сојузен канцелар Конрад Аденауер и францускиот претседател Шарл де Гол. Тој е основата на германско-француското пријателство 18 години по завршувањето на Втората светска војна. Договорот опфаќа три клучни области: обврзувачки механизам на консултации, според кој владини претставници од двете држави редовно треба да имаат средби – на највисоко ниво меѓу претседател и канцелар, како и на ниво на министер и раководен службеник. Покрај тоа имаше спогодби во врска со надворешната, европската и одбранбената политика и се донесе одлука за тесна соработка во однос на културната и младинска политика.
Клучен елемент од самиот почеток беа средбите меѓу Германци и Французи: 180 академски програми за размена, една германско-француска телевизиска станица, 2.200 партнерства меѓу градови, една заедничка високо образовна установа, билингвални градинки и повеќе од осум милиони млади Германци и Французи, кои учествуваа во заеднички програми за размена.