Во шеесет и петтата година од животот во селото Леска, Мала Преспа, денеска почина Спасе Мазенковски, голем македонски патриот, писател, новинар и публицист и еден од најголемите борци за правата на Македонците во Албанија.
Целиот свој живот го мина и твореше во селото Леска.
Спасе Мазенковски роден е во 1953 година во селото Леска. Беше основач и претседател на организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија “Друштво Преспа”, основач и главен уредник на весникот “Преспа”, основач на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција и учесник во сите активности на Македонците во Албанија од 1990 година.
Спасе Мазенковски на македонски јазик има објавено неколку поетски збирки, книги, разкази и репотажи “Преспа моја”, “Разбојна китка”, “Торбулетот на татко ми”, “Преспанска убавица”, “Лабид и Преспана”, “Рѓосани бисери”, “Историја на македонскиот народ во Албанија”. На албански јазик ја има објавено книгата “Историја на македонскиот народ”.
Беше член на друштвото на писатели на Македонија и на друштвото на писатели “Новиот свет” во Албанија.
Од името на сите Македонци, МАЕИ до неговото семејство испрати телеграма со длабоко сочувство, во која се нагласува големата загуба, како за семејството,така и за Македонците, и се искажува огромна благодарност за неговиот придонес во борбата за остварување на правата на Македонците во Албанија и зачувување на македонскиот национален идентитет.