Писмена реакција за преговорите за името

Почитувани,

 

Во врска со сценариото за решавањето на спорот за името што го објави Грчката телевизија „Скај“, Претседателот на Македонска Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, ја упатува следната реакција:

 

Македонска Алијанса јавно ги прашува Заев, Димитров и Шекеринска, кои сте вие и во чие име преговарате, договарате некаква рамка за решавање на спорот за името? Од кого добивте мандат да се коцкате со Македонскиот национален идентитет?

 

Заев, Димитров и Шекеринска пред воопшто и да помислат да стават потпис на нов меѓународен договор треба прво да го прашаат Македонскиот народ дали се согласува со промена на Уставното име! Зарем не им се доволни резултатите од последната анкета која беше објавена на една национална телевизија? Крајно поразителен факт е дека за само една година од нивното кукавичко владеење 51,9 проценти од граѓаните се незадоволни од нивното дејствување!

 

БАРАМЕ РЕФЕРЕНДУМ И ПРЕДВРЕМЕНИ ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ ВЕДНАШ!

 

На сите во и надвор од Татковината им е јасно дека актуелната владејачка гарнитура е принудена да ги прифати уцените на Грчките радикали. Едноставно не се во состојба да ги бранат националните Македонски интереси. На пат се направат еден лукав обид за велепредавство на сопствениот народ. Многу е тажно да се обложуваат на стратегијата дека нивниот антимакедонски план ќе можат да го протуркаат со нови поделби меѓу Македонскиот народ. Демек оние кои го бранат името се мрачните и ретроградните сили, а овие другиве се прогресивните сили. НЕ, НЕ сте вие прогресивни сили, вие сте кукавици и предавници кои не знаат како се брани она светото кое никогаш не смее да биде на ниту една преговарачка маса. Ние сакаме во ЕУ и НАТО Алијансата, но не по цена да бидеме обезличени, без име и идентитет!

 

Македонската Алијанса им порачува да не си играат со оган. Заев, Димитров и Шекеринска прво ќе објават што имаат намера да прифатат. Откако ќе го сторат тоа, Македонскиот народ на референдум и на предвремени парламентарни избори ќе ја одреди судбината на преговорите и ќе се изјасни што мисли за политичките кариери на првенците на власта. Секој евентуален обид за потпишување на договор и негова ратификација во Македонското Собрание на сила, без претходно народот непосредно да одлучува ќе предизвика несогледиви последици за што целата одговорност ќе падне врз грбот на Владината коалиција. Македонскиот народ низ историјата поминал многу премрежја ама никогаш не потклекнал и не си го издал сопствениот идентитет! Така ќе биде и сега!

 

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА

Претседател,

                                                                                     Ѓорѓија Џорџ Атанасоски