Ахмети во Приштина се сретна со премиерот Харадинај и престседателот Тачи

Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети денеска престојува во Приштина, каде што се сретна со косовскиот премиер Рамуш Харадинај и со претседателот Хашим Тачи.

Приштинските медиуми забележуваат дека во одделните соопштенија од средбите, Харадинај го нарекува Ахмети „лидер на Албанците во Македонија“, додека Тачи му се обраќа како на „претседател на ДУИ“, јавува дописникот на МИА од Приштина.

„Имав задоволство да се сретнам со лидерот на Албанците во Македонија, Али Ахмети, со кого разговаравме за многу теми кои се значајни за двете земји. Се согласивме заеднички да се ангажираме за да најдеме решенија за многу значајни прашања, кои чекаат веќе извесно време“, се вели во соопштението на кабинетот на Харадинај по средбата, во кое се нагласува дека „добрососедските односи се гаранција за мирот во регионот“.

Претседателот Тачи, според сооштението од неговиот кабинет, со гостинот од Македонија разговарал за соработката меѓу двете земји и за значењето на нивната евроатлантска интеграција.

– Многу е значајно да чекориме напред како регион, бидејќи само така ќе го зацврстиме мирот и стабилноста во целиот Западен Балкан, рекол Тачи.

Косовскиот претседател нагласил дека неговата земја ги поддржува напорите за изнаоѓање решение во спорот со името со Грција.

– Решавањето на спорот за името и, следствено на тоа, зачленувањето на Македонија во НАТО, е во интерес на мирот во целиот регион, изјавил Тачи.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, според соопштението на претседателскиот кабинет, нагласил дека блиската соработка меѓу албанскиот лидершип придонел за подобрување и на положбата на Албанците во Македонија.

– Тачи и претседателот Ахмети разговараа и за значењето на автопатот Приштина-Скопје, што ќе ги зближи уште повече граѓаните на двете земји, се вели во соопштението од кабинетот на Тачи.