Министрите на ЕУ ќе бидат брифирани за текот на преговорите за името

Македонија и напредокот во преговорите за името ќе бидат една од главните теми на денешниот Совет на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел.

Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска ќе се состанат за редовниот министерски совет, неколку недели пред јунскиот Самит на кој европските лидери треба да одлучуваат за препораката на Европската комисија за старт на преговори со Македонија и Албанија.

Високата претставничка за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, ќе ги брифира министрите на 28-те земји членки за процесот на преговори, додека двајцата министри за надворешни работи на Македонија и Грција треба да продолжат да преговараат во Брисел, по њујоршката рунда.

Најавено е дека Бугарија, која моментално претседава со ЕУ, заедно со Австрија, која го презема кормилото на ЕУ од 1 јули, ќе организираат појадок на кој ќе учествуваат европските министри и министерот за надворешни Димитров, јавува дописничката на МИА во Брисел. Ова ќе биде прилика за европските министри да го распрашаат шефот на македонската дипломатија за текот на преговорите со името, брифираат европски извори во Брисел.

Димитров вчера попладнето имаше тет-е-тет средба со високата претставничка за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини.

Тој ќе учествува на работниот појадок со министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, организиран во рамките на бугарското претседателство со Советот на ЕУ, претстојното австриско претседавање и во пресрет на Советот за надворешни работи на ЕУ.

– Дискусиите ќе бидат фокусирани на евроинтегративните процеси на Република Македонија, имплементацијата на реформската агенда на Владата, како и добрососедските односи, наведуваат од МНР.

За време на престојот во Брисел, министерот Димитров ќе оствари средби со претставници од институциите на ЕУ и неколку министри за надворешни работи на земјите членки на ЕУ. Според агендата, утре тој ќе има обраќање во бриселскиот тинк-тенк Европски центар за политики (ЕПЦ) на тема: “The Macedonian name dispute: a test for EU enlargement to the Balkans“.

По последната средба за името во Њујорк со шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕиас, медијаторот Метју Нимиц кажа дека преговорите  ќе продолжат во Брисел. Од МНР засега не соопштуваат дали во Брисел ќе има средба на Димитров со Коѕиас.

Извори од ЕУ информираат дека шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ ќе отпатува во Германија каде ќе биде примен од страна на германскиот претседател, Франк Валтер Штајнемејр.

Во меѓувреме, деновиве во јавноста циркулира нацрт „нон-пејпер“ изработен од Франција и Холандија во ЕУ во кој овие две земји се изјаснуваат против старт на преговори со Македонија и Албанија. Како што јави МИА вчера, дипломатски извори од други земји членки велат дека не се изненадени од овој документ и дека нината позиција им е позната на сите во ЕУ, но дека тоа „не нѐ загрижува многу“.

Повеќе земји членки на ЕУ, меѓу кои и Германија, отворено се залагаат за старт на преговори со Македонија доколку се реши спорот за името со Грција.