Возот на ЕУ со амбасадорот Жбогар и министрите Османи, Анѓушев и Сугарески во Велес и Чашка и назад

Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, вицепремиерите во Владата Кочо Анѓушев и Бујар Османи, како и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска со воз на ЕУ од Скопје пристигнаа и ги разгледаа и железничките станици во Велес и Чашка, што се дел од проектите што се реконструирани со средства од ЕУ.

На патот им се придружи и велешкиот градоначалник Аце Коцевски,а во Чашка ги пречека градоначалникот Горан Стојановски.

На железничката станица во Велес, гостите беа запознати со богатата и долга историја на железницата во Македонија, посебно железничката станица во Велес. Првиот воз влечен од парна локомотива на станицата во Велес пристигнал на 9 април 1873 година, точно пред 145 години, и ја поврзал Македонија со остатокот од светот.

Амбасадорот Самуел Жбогар изјави дека денеска дојде во Велес и Чашка да види некои од бројните инвестиции на ЕУ во Македонија, овојпат во транспортот.

-Станиците во Велес и Чашка се меѓу 10-те железнички станици во Македонија што се реконструирани со помош на инвестиции од ЕУ. Можам да информирам дека вкупната инвестиција за овие железнички станици е 5,4 милиони евра и оваа инвестиција на ЕУ не е само за железницата и самите возови, туку е за добробит на самите граѓани во вашата земја се’ со цел да се олесни патувањето  на граѓаните како и на оние со посебни потреби да имаат подобар пристап до самите возови. ЕУ, освен во сферата на транспортот, има инвестирано во изградба на подобри автопатишта, се’ со цел да се направат автопатиштата побезбедни за патување на граѓаните на вашата земја, а истовремено да се развие економскиот  развој на земјата со цел да се забрза транспортот за бизнис и транспортот на  патниците на патиштата во земјата, информира евроамбасадорот Жбогар.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар информира дека досега во Македонија има инвестирано блиску 250 милиони евра во транспортот.

– Добрата вест е дека ние ќе продожиме да инвестираме во сферата на транспортот и во иднина, а што ќе значи дека ќе има слични вакви проекти во иднина и тоа во подобрување на железницата и во подобрување на транспортот. Сето тоа од причини што гледаме дека железницата се’ повеќе станува средство за транспорт за иднината, затоа што тоа е најчистиот и најисплатлив начин на транспорт, потенцира Жбогар.

Вицепремиерот Бујар Османи даде чиста десетка за Коридорот 10 и обновата на 10-те железнички станици во земјава.

– ЕУ навистина е првата што секогаш знаеше да ги таргетира потребите на оваа држава, како што се железницата и патиштата, што се крвотокот на државата. Исто така и „десетка“ за граѓаните и даночните обврзници на земјите членки на ЕУ кои овие пари не ни ги позајмуваат не ги даваат како кредит, туку како грант. Тие овие пари можеле да ги вложат во нивните железнички станици да ги реновираат, меѓутоа ни ги даваат нас, бидејќи идејата на ЕУ е поголема од формата што ја има. А таа идеја е поврзување на луѓето и државите во еден систем на вредности. Морам да дадам и десетка за сите министерства и вработените што интензивно работеле овој проект да се заврши.Така денеска сме во една  општина, општина Чашка, која е мултиетничка и тука го имаме и срцето на целиот овој проект од една милијарда и 200 милиони евра, пари на даночните обврзници, неповратни пари за двата пакета што од 2007 до 2020 година ги дава ЕУ, а се’ со цел граѓаните на земјава да имаат европски начин на живот. Ова е симболична, но и суштинска порака што е направена од ЕУ. Меѓутоа и од нашите луѓе кои интензивно работеле на овој проект, потенцира Османи.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев, во име на граѓаните и на Владата на Македонија, се заблагодари на ЕУ и на сите даночни обврзници на земјите од ЕУ за издвојување на дел од своите средства за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните во Македонија.

– Оваа станица  и овој проект е само еден од примерите зошто при соединувањето кон ЕУ на граѓаните на Македонија ќе им донесе и економски бенифит и ние сите треба да разбереме дека таквото присоединување и нашиот пат кон ЕУ и НАТО не е само политички пат, туку е пат за подобар и поквалитетен живот на граѓаните на Македонија. Овој проект е 2,14 милиони евра, со што се реконструираат вкупно десет железнички станици во Македонија, од кои ние денеска посетивме две, чија реконструкција чини 400 илјади евра, информира Анѓушев.

Тој потенцира дека тоа е помал дел од тоа што го дава ЕУ како грант на Македонија.

– Исто така и железничката станица во Скопје беше реконструирана  со 2,5 милиони евра од грант–донација на ЕУ. Исто така, во делот на железничката инфраструктура  и во двете делници што треба допрво да се градат од Бељаковце до Крива Паланка и од Крива Паланка до граница, ЕУ даде грант од 130 милиони евра и тоа втората фаза од железничката пруга од Куманово до граница значи втората фаза е од Бељаковце до Крива Паланка и чини 147 милиони евра, од кои дел од средствата или 70 милиони евра се грант од ЕУ, а останатите кредит. Третата фаза од тој проект чини 350 милиони евра, а  тоа е од Крива Паланка до граница, што е исклучително тежок и скап пат каде што има над 30 тунели што треба да се пробијат и тука имаме грант од ЕУ од 60 милиони евра. Тоа за нас како Влада е предизвик тие проекти квалитетно да ги реализираме и овие средства да ги искористиме. Морам да кажам дека и Владата и сите ние тука имаме двојна одговорност кога работиме со грант на ЕУ. Имаме одговорност и пред нашите даночни граѓани во Македонија, но и одговорност пред даночните граѓани на сите земји на ЕУ, потенцира Анѓушев