Местото на земјите од регионот е во Европската унија, е ставот што го изразија алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос, одговорниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија и амбасадорите на Македонија, Дарко Ангелов, на Србија, Душан Спасојевиќ и на Албанија, Ардиана Хобдари, на конференцијата „По самитот ЕУ – Западен Балкан, која е улогата на Грција?“, организирана од фондацијата Конрад Аденауер во Атина.
Стратешките интереси на Република Македонија за влез во унијата, фактот дека Македонија предолго чека пред вратата на ЕУ, но и надежта дека Грција конечно ќе даде зелено светло за македонската интеграција, ги истакна македонскиот амбасадор во Грција, Дарко Ангелов, во неговото обраќање, јави дописничката на МИА од Атина.
Ангелов, за да ја долови ситуацијата со европската перспектива на Македонија, направи споредба со Грција во времето на Караманлис, повикувајќи се на неодамнешната колумна во „Катимерини“ на лидерот на Нова демократија, посветена на улогата на поранешниот грчки премиер, Константинос Караманлис, за грчката интеграција во ЕУ, цитирајќи дека „иако тогаш Караманлис знаел дека Грција не е целосно подготвена да биде дел од Европското семејство во раните 1980-ти, беше убеден дека грчкото пристапување кон Заедницата ќе функционира како сидро, институционално, финансиско и геополитичко засолниште“.
– Би можел лесно името на Грција да го заменам со името на мојата земја, како пример што значи за нас да бидеме кандидати за членство, но, исто така, и земја која предолго чека за отворање на пристапни преговори, рече македонскиот амбасадор во Грција, споменувајќи го ова како најдобар пример како Македонија се чувствува.
Дарко Ангелов рече дека независно од исходот од актуелните преговори за разликите околу името, Грција конечно ќе треба да се издигне над дневната политика и да дозволи почеток на пристапните преговори.
Алтернативниот шеф на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос и одговорниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија, Јоргос Кумуцакос, ги повторија нивните позиции дека е стратешки приоритет на Грција, земјите од Западен Балкан да се интегрираат во унијата, но и да се почитуваат поставените услови и критериуми.
Говорејќи за Македонија, Катругалос рече дека европската перспектива е поврзана со решение на името и изрази надеж дека ќе има напредок во преговорите во следните денови.
– Добро е тоа што двете страни, за ова сум сигурен, дека премиерот Заев и нашиот премиер навистина лично се вложуваат и вложуваат политичка тежина за постигнување консензус, рече алтернативниот шеф на грчката дипломатија, Катругалос.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, од дебатата што следеше по обраќањата, не изостана и прашањето за последниот предлог „Република Илинденска Македонија“. Потпретседателот на фондацијата за надворешна политика ЕЛИАМЕП, Танос Веремис, ја праша амбасадорката на Албанија дали нејзината земја се согласува и го прифаќа ова име „со оглед на тоа дека Илинден е настан поврзан со словенскиот елемент“.
Албанската амбасадорка, Хобдари, не даде конкретен одговор, велејќи дека Тирана ги поддржува обидите за изнаоѓање на решение, додека пак со свој коментар и покрај тоа што прашањето не беше наменето за него, реагираше Ангелов.
– Јас сум амбасадор на Република Македонија и ги претставувам сите граѓани на земјата, вклучително и нашата албанска заедница. Сѐ што доаѓа како иницијатива од владата во Скопје, тоа е коалициона влада, е во консултација и консензус на сите владини партнери, рече Ангелов.
Со свој став во однос на Илинденското востание, излезе и алтернативниот министер за надворешни работи на Грција.
– Би сакал да ве потсетам дека Крушево, не беше словенско село, туку во основа влашко село, а во привремената влада на Крушево, учествуваа 20 членови Словени, ги нарекуваме егзархисти, 20 Власи и 30 Албанци, па така, етнички говорејќи, беше балансирано, рече Катругалос на што реагираше македонскиот амбасадор и рече дека нема да навлегува во тоа што се случило во илинденското востание и кој бил што, но додаде дека „со должна почит кон Катругалос, не се согласува со неговата квалификација за составот на владата од тоа време“.