Македонската Влада останува на ставот дека предлогот Република Илинденска Македонија е решение прифатливо за двете страни, додека официјална Атина инсистира името да се одбере од пакетот предлози на Метју Нимиц.
Двете страни ги изнесуваат позициите пред новата рунда преговори за името. Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција в четврток и петок ќе имаат нова средба со медијаторот на Обединетите нации, Нимиц.
Премиерот Зоран Заев вчера потврди дека предлогот останува на маса, бидејќи според него е вреден и е за длабоко размислување, затоа што ги исполнува очекувањата на мнозинството граѓаните на двете земји.
– Република Илинденска Македонија е име кое не го загрозува, туку напротив го зајакнува идентитетот на Македонија, а на Грција и дава сложено име со временска одредница, рече Заев.
Посочи дека тој и грчкиот премиер Ципрас целосно веруваат во ова решение и оти тие двајца се само една од кариката во целиот овој процес.
Според премиерот, Илинден и нашето Илинденско востание во 1903 и 1944 година немаат никакви територијални претензии и ништо не се загрозува од страна на Грција.
Вицепремиерот задолжен за евроинтеграции Бујар Османи предлогот го оцени како магична формула, која во себе ги вклопува сите коцки во еден успешен мозаик.
– Мора да направиме разлика меѓу суштината и формата. Суштина е какво е, форма е колку и каде ќе се имплементира и согласно тој концепт беше новиот предлог. Ако има добро решение не е важно колку и каде ќе се употреби. Сметам дека тој предлог беше таков, инклузивен е за сите чинители во општеството – политички, партиски, етнички и ги овозможува двете основни барања на Грција јасна дистинкција со нивниот региони и можноста за севкупна употреба, рече Османи.
И шефот на дипломатијата Никола Димитров не гледа посоодветен предлог за решавање на спорот од Република Илинденска Македонија
– Не гледам во моментов посоодветен предлог околу кој и двете преговарачки страни имаат согласност за решавање на спорот.
Посочи дека Илинден го има во двете преамбули на Уставот и оти тоа се двата столба на нашата државност.
– Тешко е да си за Македонија, а да не си за Илинденска Македонија, рече Димитров.
Додаде дека во пакетот за името, Грците се согласни дека ја признаваат македонската нација, а јазикот со овој предлог треба да биде македонски, со превод на сите јазици, со што не се заканува македонскиот идентитет.
Собраниската комисија за надворешни работи вчера од МНР побарала списи за предлогот за решение на спорот за името што во саботата официјално го соопшти Заев, изјави претседателот на Комисијата, Антонијо Милошоски.
-Многу е тешко да се изгради став кога немаме предлог и затоа сакаме како Комисија за надворешна политика да побараме од министерот за надворешни работи да ги достави списите на кои се базира овој можен предлог за да можеме да заземе став како пратеници и како Комисија за надворешна политика, рече Милошоски.
Тој додаде дека се надева дека министерот Никола Димитров ќе ги испочитува пратениците.
Грчката Влада, пак, го поздрави прифаќањето на ерга омнес, но побара името да се одбете од пектот предлози на Нимиц.
– Грчката страна инсистира на тоа дека најдобро решение е избор на едно име од оние што ги достави медијаторот Нимиц во неговите предлози, истакна портпаролот на грчката Влада и министер без ресор Димитрос Ѕанакопулос.
Тој го поздрави прифаќањето на ерга омнес, споменувајќи го како позитивна разврска и позитивен чекор од средбата на двајцата премиери.
– Што се однесува на името, не сме стигнати до таму. Секако постојат предлози што биле ставени на маса, но, сепак, грчката страна инсистира на тоа дека најдобро решение е избор на едно име од оние што ги достави медијаторот Нимиц во неговите предлози. Но, не сме стигнати до таму, треба да поминеме уште пат за да можеме да говориме за конечен договор, вели Ѕанакопулос.
Алтернативниот шеф на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос истакна дека на средбата со Нимиц ќе се разговара за сите прашања, бидејќи, како што рече се наоѓаме на чекор пред постоење договор.
Но додава дека едно прашање влијае на друго и „затоа не можеме со сигурност да говориме за договор и дека ништо не е договорено, ако не се договори се“.
Тој додава дека идеално за Грција би била географска или временска одредница, „но и овие работи се прашање на толкување“.
Лидерот на опозициска Нова демократија Кирјакос Мицотакис го повтори ставот дека тој предлог е олицетворение на иредентизам.
– Илинден и илинденското востание се идентификуваат со македонскиот иредентизам. Значи, да разјасниме одредени прашања за оние кои се чини дека не ја познаваат добро нашата историја. Илинденското востание и името на Илинден се идентификуваат со македонскиот иредентизам. Тоа е име што беше идентификувано со националистичко востание, кое тогаш, како централен слоган, го имаше Македонија на Македонците и формирање на една голема Македонија, со главен град Солун. Со други зборови, истото име за кое разговараше и веројатно уште разговара Ципрас е олицетворение на иредентизмот, рече Мицотакис и додаде дека му се чини дека „секогаш кога Ципрас преговара ноќе и сам, е опасен за националните интереси.