Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на втората Меѓународна Конференција на тема „Транспортот во денешното општество“ што се одржа на Техничкиот факултет во Битола најави дека во Република Македонија ќе се зголеми искористувањето на современите информациско комуникациски технологии што се употребуваат во транспортот.
Според Сугарески, за да нема техничко и технолошко заостанување зад развиените држави потребно е инвестирање во сообраќајното транспортно инженерство.
– Новата технологија што за првпат се употребува во Контролниот центар во Неготино од каде што се врши мониторинг на сообраќајот на новата автопатна делница Демир Капија-Смоквица, новиот електронски систем за наплата на патарините како и новиот проект на Министерството за транспорт и врски за изработка на интелигентен транспортен систем на Коридорот 10 значително ќе ги подобрат перформансите во безбедноста, заштитата на животната средина и искористување на инфраструктурата.
Транспортната индустрија, рече Сугарески, континуирано се соочува со нови предизвици како резултат на глобализацијата, либерализацијата на пазарите и дерегулацијата во транспортниот сектор и затоа потребно е следење на сите технолошки достигнувања заради нивна имплементација и искористување на предностите што ги нудат, посочи министерот Сугарески на меѓународната конференција во Битола.
Пред академскиот и стручен адиториум, министерот Сугарески потсети дека Министреството за транспорт и врски изработи Националната транспортна стратегија за период 2018-2030 година.
– Главните цели на стратегијате се да се осигура економската одржливост во развојот, управувањето и одржувањето на транспортните системи, да се подобри безбедноста во сообраќајот, да се развие мулитмодалниот транспорт, да се подобри одржливоста на животната средина и изградба на инфраструктура по европски стандарди како дел од единствениот транспортен систем во регионот и пошироко. Предлог стратегијата е веќе објавена на веб страната на Министерството за транспорт и врски и во текот на следниот месец очекуваме препораки и коментари од целокупната стручна јавност во државата, посочи Сугарески.