Стари и ретки книги за македонскиот јазик достапни на Дигиталниот архив

Истражувачкиот центар за ареална лингвистика (ИЦАЛ) при МАНУ промовираше веб-страница на Дигиталниот архив на македонскиот јазик (damj.manu.edu.mk) што е подготвуван во изминатите десет години.

Во дигитална форма се објавени 50-ина стари и поважни ретки книги за македонскиот јазик – граматики, правописи, споредбени студии, монографии, дијалектни материјали.  Тука е Македонската граматика на Круме Кепески од 1946 и Македонскиот правопис на Блаже Конекси  и Крум Тошев  од 1950, „За македонцките работи“ на Мисирков од 1903, Абецедарот објавен во Атина во 1925. …Најстарата дигитализирана книга во овој архив е Речник од три јазика од Ѓорѓи Пулевски од 1875.

Меѓу постарите изданија (крајот на 19 век) се и трудовите на странските слависти кои го прочувале македонскиот јазик Ватрослав Облак, Леонард Мазинг и Вјечислав Малецки.

– Тоа е најголема база со дигитални ресурси за македонскиот јазик и е достапна за цел свет. Заинтересираните може да ги симнуваат книгите во пдф и да ги користат, рече раководителот на ИЦАЛ Марјан Марковиќ.

На вториот ден од Меѓународната научна конференција „Македонистички денови во МАНУ“, организирана од ИЦАЛ,  јапонскиот славист Мотоки Номачи денеска зборуваше за македонската граматика што ја напишал рускиот професор Самуил Борисович Бернштејн. Се сметала за исчезната 70-ина години, а тој ја пронашол пред неколку години во Градскиот архив на Москва.

Бернштајн, кој бил основач на Катедрата за словенска филологија на Универзитетот „Ломоносов“ во Москва, почнал да ја пишува граматиката во 1946 година но таа не била објавена поради влошувањето на советско-југословенските односи во периодот на Информбирото и се загубила трагата на ракописот подготвен за печатење.

Пронаоѓачот на граматиката, славистот од Универзитетот Хокаидо во Јапонија, својот реферат на конференцијата во МАНУ го наслови „За една непозната граматика на македонскиот јазик од акад. Самуил Б. Бернштајн“.

По неговото излагање реагираше Јованка Кепеска, ќерка на Круме Кепеска, авторот на Македонската граматика од 1946. Го пзодрави истражувањето на рускиот лингвист но, рече, неговата граматика не може да се нарече „прва македонска граматика“ како што вчера е објавено на еден интернетски портал.

– Ме испровоцира тоа што Академијата прошири еден напис со извлечен наслов дека е тоа првата македоснка граматика. Фактите се дека не може да се наслови како прва граматика, која е необјавена и е нејасно кога е напишана, а Академијата дури проследи и еден ексклузивистички прилог на еден портал како анимација за овој собир. Секое истражување и продлабочвање на македонистиката може само да ни оди во прилог, но фактите не смеат да се негираат, рече Кепеска.

Раководителот на ИЦАЛ Марковиќ рече дека тој е проследувачот на информацијата за пронаоѓањето на исчезната граматика и тоа не е став на МАНУ ниту  на Одделението за лингвистика.

– Знаеме дека граматиката на Круме Кепески е од 1946 година. Никој не сака да ја минимизира работата на професорот Кепески. Напротив, ние во дигиталниот архив токму првите две книги што ги ставивме дигитализирани е неговата Македонска грамтика и првиот Македонски правопис на Блаже Конески и Крум Тошев, рече Марковиќ.

Граматиката на Бернштејн  појасни тој, е прва македонска граматика на руски јазик, како што прва на англиски јазик е Граматиката на македонскиот литературен јазик на Хорас Лант од 1952.

– Македонија во тој период имала среќа што најдобрите научници, чиј интерес започнал уште пред Втората светска војна, да се приклучат и да помогнат за кодификацијата на македонскиот јазик, додаде Марковиќ.

Меѓу учесниците на конференцијата беше и Кристина Крамер од Универзитетот во Торонто која ги истражувала англизмите во македонскиот јазик, со посебен осврт на разговорниот јазик во транскриптите од прислушуваните разговори, т.н. „бомби“. Тие, рече, нудат огромен материјал за спонтаната, неформална употреба на јазикот. Меѓу примерите го посочи зборот „супер“ кој е 64 пати изговорен во „бомбите“ како извик, прилог или придавка.

– Англизмите во македонскиот јазик денес се турцизми на 21 век, рече Крамер, напомнувајќи дека треба да се разграничат англизмите од интернационализмите зашто не се сите туѓи зборови од англискиот, туку навлегуваат преку него, како втор најговорен јазик на светот.