Промоција на новите простории на библиотеката во Археолошки музеј на Македонија

Археолошкиот Музеј на Македонија денеска во 12.00 часот ќе одржи свечена промоција на новите простории на најстарата и најголемата специјализирана археолошка библиотека во Македонија.

– Фондот на библиотеката што брои преку 6.000 книги (со над 20.000 стручни и научни трудови од домашни и странски автори), е создаден во период на 57 години, односно од формирањето на првата библиотека при Археолошкиот Музеј во 1961 година, а особено од 1977 до 2010 година кога оваа библиотека била во состав на библиотеката на Музејот на Македонија во Скопје, наведоа од Археолошкиот Музеј.

Од Музејот посочија дека меѓу бројните книги се наоѓаат и многу ретки изданија, објавувани од почетокот на 20 век, а најстарото од нив потекнува од 1881 година.

– Повеќегодишната пауза во работата на библиотеката, од речиси 10 години, сериозно се одрази врз меѓубиблиотечната размена на Музејот и особено врз обновата на фондот. Благодарение на несебичниот придонес на музејските институции во Македонија и странство, како и со лични донации од нашите колеги, овој хијатус ќе биде надминат, а библиотеката на Археолошкиот музеј ќе продолжи да биде јадрото на податоци за многу идни истражувања и генерации истражувачи, соопштија од Музејот.