Претседателот на Државната изборна комисијата (ДИК) Александар Чичаковски денеска за МИА изјави дека поднел барање за престанок на функцијата претседател на Комисијата.
Оставката, рече Чичаковски, е негов личен чин.
До собраниската архива барање за предвремен престанок на функцијата поднеле и членовите на ДИК предложени од СДСМ Виолета Дума и Игор Милев, потвруваат од Парламентот.
Чичаковски, Дума и Милев оставките ги поднесоа откако во јавноста беше обелоденето дека членовите на ДИК зеле високи надоместоци за последните неколку изборни циклуси и интернет петицијата за оставка на членовите на Комисијата.
Мандатот на овој состав на комисијата истекува во 2020 година. Чичаковски е прв човек на ДИК од редот на експертите од 2015 година по постигнувањето на Пржинскиот договор, а Дума и Милев се предложени од редот на политичките партии.
Засега нема информации дека други членови на ДИК си поднеле оставка, иако некои од нив потврдуваат дека веќе им се напишани.