Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски денеска се сретна со унгарскиот амбасадор Ласло Дукс.
На средбата станало збор за можната соработка на општината со еден од градовите од Унгарија. Двајцата соговорници разговарале и за идна соработка на економски план, културна размена и соработка на спортски клубови и поединци од Унгарија и Куманово.
– Поразговаравме за можната соработка на општината на економски план со одредени компании кои што би можеле да бидат идни потенцијални инвеститори во Република Македонија, а да бидат лоцирани токму во нашата општина. Исто така се водеа разговори и за продлабочување на соработката помеѓу општина Куманово во делот на спортската дипломатија и учество на одредени спортски настани на нашите спортисти од Куманово во Унгарија и обратно. Општина Куманово е целосно подготвена за соработка со претставниците на Република Унгарија, изјави градоначалникот Димитриевски.
Тој потенцираше дека позитивната соработка со Унгарија од минатото, ќе продолжи и во иднина. Амбасадорот Ласло Дукс рече дека на средбата се воделе корисни разговори со градоначалникот при што имал можност да се запознае со спортските, културните и економските можности на општината.
– Куманово е град кој е географски најблиску до унгарската граница и инвестициите во инфраструктурата овозможуваат да бидеме што поблиски едни до други. Ќе правиме силни напори за подобрување на извонредните односи со општина Куманово на економски, културен и спортски план, додаде амбасадорот Дукс.